• сабота, 23 ноември 2024

Гаши: Не е добро сега да се оди на брзи избори

Гаши: Не е добро сега да се оди на брзи избори
Скопје, 12 ноември 2021 (МИА) - Сега не е добро да се оди на брзи избори, смета лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат вечерва рече дека партијата е на ваков став со оглед на состојбата во која се наоѓаме, но и со тоа што во последните неколку години постојано сме во избори. Сепак, вели тој, Алтернатива не е толку моќна за да може да се спротивстави на такво нешто. -Јавноста треба да знае дека Алтернатива има 4 пратеници и ние не можеме да му се противиме на мнозинство кое ако утре има иницијатива за распуштање на Парламентот и има 61 глас за распуштање, тогаш ние одиме на избори. Ние сме опозициска партија и за нас изборите се добредојдени затоа што ние чекаме на секои избори да добиеме повеќе гласови и да го зголемиме бројот на пратеници, особено што во целиот овој процес сме биле конзистентни, сме покажале дека сме принципиелни и јас сум убеден дека Албанците и другите гласачи во Северна Македонија ја ценат оваа конзистентност и оваа принципиелна политика што ја имаме. Затоа, јас сум убеден дека на кои било избори Алтернатива ќе добие повеќе гласови, рече Гаши. Не сум, вели, против избори поради изборен резултат, но сум против избори поради контекстот во кој се наоѓаме. -Пред изборите во Бугарија, пред датум за почнување на преговорите со ЕУ, по еден макотрпен процес за граѓаните како што се локалните избори кои се доста тешки и кои одземаат доста енергија, секој политичар, секој што се натпреварува, и граѓаните, па и вие новинарите, се изморени. Затоа мислам дека тоа не е добро решение. Но, сепак, останува тоа да го докажува секое мнозинство. Ставот на Алтернатива е дека не е добро сега да се оди на избори, истакна Гаши. На прашањето дали добиле понуда од СДСМ за разговор за влез во Владата тој одговори дека немаат ниедна понуда. Принципиелно е, посочи, ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси, за тоа како го гледаат тие, а како ние на процесот за излез од кризата. -Ако имаме заеднички точки, ако се усогласуваме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција итн. Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, во тој нов контекст каде може да се најде себеси Алтернатива и, се разбира, ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија со доста развиена демократија, ние не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група туку ја отвораме како дебата внатре, дискутираме долго, ги анализираме сите димензии и ја носиме таа одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани, рече Гаши.лв/  

Остани поврзан