• среда, 25 декември 2024

Гаши на приемот по повод 8 Септември: Сме имале моменти кога сме биле разочарани, но сме создавале можности да продолжиме понатаму

Гаши на приемот по повод 8 Септември: Сме имале моменти кога сме биле разочарани, но сме создавале можности да продолжиме понатаму

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Свесен за важноста на независната држава морам да кажам дека не постои поважен момент во историјата на една земја од нејзината самостојност. Затоа секогаш кога доаѓа 8 Септември се враќа емоцијата на задоволство и гордост што роденденот на оваа земја го одбележуваме во мир, во соживот меѓу различните народи кои живеат во оваа земја, во добрососедски односи и во сигурни патишта кон подобра развојна и евроатланстска перспектива. Ова го истакна денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот што го организираше во Законодавниот дом по повод 8 Септември - Денот на независноста.

-Јас сум свесен дека изградбата на оваа заедничка држава не била лесна работа и секогаш подеднакво прифатена. Сме имале периоди кога некој од нас имал поинаква перцепција и различни очекувања можеби. Сме имале моменти кога некој од нас мислел дека заслужува повеќе а добил помалку. Сме имале моменти кога сме биле можеби разочарани и сме рекле дека не вреди, но сепак сме нашле сила, сме нашле решенија и сме создавале можности да продолжиме понатаму. Затоа, денес кога ја одбележуваме оваа годишнина на нашето државјанство можам да ви тврдам дека пред нас се отвора нова развојна перспектива која доаѓа со новата генерација политичари и јас сум силно убеден дека тоа ќе резултира со многустран успех, рече Гаши.

Собранискиот спикер нагласи дека секој има своја заслуга и свој придонес за овие достигнувања, посочувајќи оти не треба да бидеме ниту нихилисти, ниту дефетисти.

-Како и да е Северна Македонија во својот 33. роденден е земја-членка на најмоќната безбедносна Алијанса како што е НАТО, со што се гарантира мирот на нејзините граници што е исклучително важно за секој проект додека е на добар пат да се приклучи и на најуспешната унија на демократија, мир, човекови права и благосостојба како што е Европската унија. Ова е повод како граѓанин на оваа држава, а уште повеќе како политичари на оваа земја, денеска да направиме една ретроспектива на она што сме го сториле, што сме можеле да го сториме и што можеме да го сториме секогаш во духот на тоа што рекол Џон Кенеди „Не прашувај се што сторила твојата татковина за тебе, туку прашувај се што си сторил ти за твојата татковина“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши. фф/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан