• среда, 25 декември 2024

Гаши, Милошоски и Лукаревска на средба со претставници на Европскиот суд на ревизори

Гаши, Милошоски и Лукаревска на средба со претставници на Европскиот суд на ревизори

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) - Лаима Луција Андрикиене, членка на Европскиот суд на ревизори денеска во Собранието на Република Северна Македонија остварила заедничка средба со претседателот на Собранието Африм Гаши, со потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, и со претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска.  

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствувал и евроамбасадорот Михалис Рокас, како и Томас Макевициус и Пјетро Пуричела од Европскиот суд на ревизори. 

Во фокусот на дискусијата бил Планот за раст на Западен Балкан и очекуваните придобивки од неговата имплементација во процесот на евроинтеграција на регионот и конкретно на нашата земја. 

Во тој контекст, биле разменети  мислења за реформските агенди на земјите од регионот, чие усвојување во институциите на ЕУ е предуслов за реализација на финансиската помош. 

Посебен акцент бил ставен на  критериумите во делот на владеењето на правото, како и на можностите за економски раст и за подигање на капацитетите на институциите и на администрацијата во земјите од регионот, како аспиранти за полноправно членство во ЕУ. 

Гаши истакнал дека за  граѓаните на Северна Македонија, како и за целиот регион, е од големо значење да почувствуваат конкретна помош од ЕУ во финансиска смисла, како поттик за понатамошна посветеност за спроведување на реформите.  

Милошоски забележал дека  Планот за раст на Западен Балкан носи придобивки и за двете страни, односно и за земјите од регионот и за Европската Унија, како своевиден понатамошен поттикнувач на ентузијазмот во однос на евроинтеграцијата. 

Пратеничката Лукаревска истакнала дека во Собранието на РСМ, независно од политичките провениенции на пратениците, генерално,  нема разлики во поглед на членството на земјава во ЕУ, така што Планот за раст на Западен Балкан е од посебно значење за понатамошно јакнење на тој консензус. дма/сст/

Фото:  Собранието на РСМ

 

Остани поврзан