Гаши - Леклер: Државата е пример во регионот за решавање на прашањето со лицата кои се без државјанство
- Претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска имаше средба со регионалниот директор на УНХЦР за Европа, Филип Леклер, со кој разговараа за политиките на нашата држава кои се однесуваат на бегалците, но и за лицата без државјанство. На средбата двајцата соговорници потврдија дека нашата држава е пример во регионот за решавање на прашањето со лицата кои се без државјанство.
Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска имаше средба со регионалниот директор на УНХЦР за Европа, Филип Леклер, со кој разговараа за политиките на нашата држава кои се однесуваат на бегалците, но и за лицата без државјанство. На средбата двајцата соговорници потврдија дека нашата држава е пример во регионот за решавање на прашањето со лицата кои се без државјанство.
Како што соопштија од Собранието, Гаши изразил задоволство што благодарение на интензивната соработка со УНХЦР, преку измените на Законот за матична евиденција и Законот за странци и нивна практична имплементација, се решил проблемот со лицата без државјанство, со што се надминал проблемот за над 700 лица без државјанство.
На средбата присуствувал и Габриел Гуалано де Годој, претставник на Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР, во Северна Македонија.
-Претседателот Гаши истакна дека изминативе 30 години нашата држава има многу успешна и интензивна соработка со УНХЦР, посветена на унапредување на правата и подобрување на статусот на бегалците, што резултираше со низа успешни проекти. Тој потсети дека нашата држава во повеќе наврати досега го покажала својот хуман однос кон бегалците и од регионот, но и од Блискиот Исток и Украина, соопштија од Собранието.
Претседателот Гаши додаде дека во времиња на глобални предизвици, демократскиот свет има обврска да им помогне на бегалците, за што полесно и побрзо да ги пребродат искушенијата со кои се соочуваат и да стекнат можности за достоинствен живот, што е основно човеково право.
Директорот на УНХЦР за Европа Леклер истакна дека нашата држава е пример за регионот, но и пошироко за начинот на кој го решава прашањето со лицата кои се без државјанство и нагласи дека работата што ја заврши нашата држава донесе конкретни и видливи резултати.
Леклер ја истакна соработката на УНХЦР со Интерпарламентарната Унија (ИПУ) и предложи претседателот Гаши во рамките на оваа организација, која ги обединува парламентите на светско ниво, да ги презентира успешните политики на нашата држава во делот на лицата без државјанство.
Двајцата соговорници изразиле подготвеност да продолжи меѓусебната соработка и во наредниот период.бт/цр
Фото: Собрание на Северна Македонија