• сабота, 21 декември 2024

Гаши - Куртулмуш: Северна Македонија е остров на мирот на Балканот и пример за соживот меѓу различни народи, религии и култури

Гаши - Куртулмуш: Северна Македонија е остров на мирот на Балканот и пример за соживот меѓу различни народи, религии и култури

Анкара, 3 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска имаше тет-а-тет средба со неговиот домаќин, претседателот на Големото национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш, по што беше одржана билатерална средба на ниво на парламетарни делегации, соопшти собраниската прес-служба.

Гаши изрази задоволство од реализирањето на официјалната посета, како и од интензитетот на политичката соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, односно бројните средби на највисоко ниво. Истовремено, тој се заблагодари за доследната и конструктивна поддршка којашто Република Турција ја дава на нашата земја уште од независноста во раните 90-ти години на минатиот век. Констатирано е дека пријателските односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка, како на билатерално ниво, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Со цел натамошно унапредување на меѓупарламентарната соработка, Гаши го покани Куртулмуш да оствари возвратна официјална посета на Република Северна Македонија.

Куртулмуш изрази надеж за понатамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Големото национално собрание на Турција. Тој оцени дека Република Северна Македонија е остров на мирот во балканскиот регион и претставува најдобар пример за соживот помеѓу припадниците на различни народи, религии и култури.

На средбата беа разменети мислења за билатералните релации меѓу двете земји, при што беше оценето дека севкупните односи ги карактеризира традиционално пријателство и партнерство, а соработката е динамична на сите нивоа.

Соговорниците истакнаа дека интензивните и добри политички односи отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка и се заложија за зголемување на трговската размена и инвестициите меѓу двете земји. 

Делегацијата предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба и со претседателот на Интерпарламетарната група за пријателство Турција-Северна Македонија Ахмет Килич и членовите на групата, како и средби во Уставниот суд и во Претседателството за верски прашања.

На средбата со претседателот и членовите на Групата за пријателство, заеднички беше истакнато значењето на групите за пријателство и соработка од двете собранија за унапредувањето на билатералните односи, како на ниво на парламентите, така и во бројни области од заеднички интерес.

На средбата со претседателот на Уставниот суд Кадир Озкаја, претседателот и пратениците беа запознаени со структурата, надлежностите и меѓународната соработка на највисокото правно тело за уставна ревизија во Турција, кое ја испитува уставноста на законите и уредбите кои имаат сила на закон. Стана збор и за добрата соработка со Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Делегацијата имаше средба и со вршителот на должност претседател за верски прашања Селим Аргун, на која присуствуваа и потпретседателите на Претседателството за верски прашања (Дијанет). На средбата стана збор за функционирањето на оваа институција, која е уставна категорија и која годинава слави 100 години од своето формирање, а  во чија надлежност се активности поврзани со верата и исламската религија, како и управувањето со верските институции.

Во рамките на посетата, Африм Гаши даде интервју за парламентарниот канал на Големото национално собрание на Турција, „TBMM TV/Parliament TV“. Делегацијата го посети Мавзолејот на Ататурк, каде Гаши положи венец и се потпиша во Златната книга на впечатоци. Делегацијата положи цвеќе и во спомен на загинатите, во делот на Големото национално собрание на Турција што беше бомбардиран при обидот за државен удар на 15 јули 2016 година, стои во соопштението од собраниската прес-служба.

Во парламентарната делегација што ја предводи Африм Гаши при официјалната посета на Турција се и пратениците ицијална Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали.са/ев/

Фото: Собрание на РСМ

 

Остани поврзан