• сабота, 23 ноември 2024

Гаши – Спиропали: Имаме исти цели, полноправно членство во ЕУ, соработка во рамки на НАТО и продлабочување на регионалната соработка

Гаши – Спиропали: Имаме исти цели, полноправно членство во ЕУ, соработка во рамки на НАТО и продлабочување на регионалната соработка

Скопје, 23 септември 2024 (МИА) — Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во законодавниот дом оствари средба со претседателката на албанското Собрание Елиса Спиропали, која е во официјална посета на земјава.

Гаши и Спиропали одржаа заедничка прес-конференција, но за изјавата на Спиропали немаше обезбедено соодветен превод.

Гаши истакна дека двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа се полноправното членство во Европската унија, соработката во областа на одбраната во рамките на НАТО Алијансата, како и продлабочување на регионалната соработка.

– На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка ни е посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата, рече Гаши.

Како приоритети на двете земји од заемен интерес, додаде, се поефикасно користење на ЕУ фондовите и заедничко учество во нови проекти во рамки на ИПА фондовите, истакнувајќи ја потребата од продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на двете земји.

– Мора да се продолжи и со изградбата на патишта, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII, а сé со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал, рече Гаши. ра/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан