• среда, 25 декември 2024

Ганиу и Џаферовиќ во Чаир го одбележаа Меѓународниот ден на Бошњаците

Ганиу и Џаферовиќ во Чаир го одбележаа Меѓународниот ден на Бошњаците
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) - Со положување свежо цвеќе на Спомен-обележјето посветено на невините цивилни жртви од геноцидот во Сребреница, градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу го одбележа 28 септември - Меѓународниот ден на Бошњаците во присуство на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ. Честитајќи го Меѓународниот ден на Бошњаците, градоначалникот Ганиу рече дека овој споменик, единствен посветен на жртвите од Сребреница, надвор од територијата на Босна, е посветен на епскиот отпор на босанскиот народ во вековната борба за егзистенција. Ганиу истакнал дека овој ден се одбележува со гордост, но не и без болка, положувајќи свежо цвеќе на спомен-епитафот што веќе е глобален симбол на Сребреница односно геноцидот во Сребреница. - Албанскиот и бошњачкиот народ беа меѓу најпрогонуваните народи на Балканот. Оние што простуваат и забораваат се неуки, а оние што простуваат и не забораваат се мудри. Ние го избравме вториот пат. Преку овој епитаф не само еднаш годишно, туку секој ден секој пат кога ќе поминеме покрај овој симбол, ќе доживееме парче од мозаикот на босанската болка и нивниот обид да чекорат во историјата. Браќата Албанци ќе ги имате со вас, насекаде и во секое време. Луѓе кои споделуваат историја, ја споделуваат и заедничката иднина, рекол градоначалникот Ганиу пред споменикот на жртвите од Сребреница во паркот Чаир, се наведува во соопштението од Општина Чаир. Според Ганиу, Албанците најдобро ја чувствуваат болката на Бошњаците. - Не верувам дека има други народ, кој ја сочувствува подобро болката на Бошњаците, да ги разберат во нивните амбиции и да подадат братска рака и да чекорат заедно кон светла иднина. Заеднички именител на овие народи е болката, нивната судбина се стврднува во угнетување и нивната надеж е светлата младина, изјавил Ганиу. Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Шефик Џаферовиќ се заблагодарил на домаќинот за приемот и за иницирањето изградба на спомен обележјето за Сребреница во Скопје. - Овој геноцид е првиот извршен по завршувањето на Втората светска војна до денес, и целиот цивилизиран свет треба да им оддаде почит на овие жртви и да ги казни оние што го планираа и го спроведоа. Треба да им се суди и казни. Цивилизираните луѓе како вие се потсетуваат на жртвите и го прифаќаат геноцидот, додека антицивилизациски чин и варварски е непризнавање на геноцидот и навредувањето на жртвите од овој геноцид. Вие сте пример за тоа како треба да дејствува светот, рекол Џаферовиќ, стои во соопштението. Пред неполни два месеци Општина Чаир се збратими со општината Стари Град во Сараево, како резултат на одличната соработка. цр/дма/    

Остани поврзан