• четврток, 26 декември 2024

Галуп Интернешенел: Само петтина од Македонците очекуваат 2024 да биде подобра од 2023, светот стравува од војни и економски тешкотии

Галуп Интернешенел: Само петтина од Македонците очекуваат 2024 да биде подобра од 2023, светот стравува од војни и економски тешкотии

Скопје, 29 декември 2023 (МИА) - Само 20 проценти од граѓаните во земјава очекуваат 2024 година да биде подобра од 2023 (светскиот просек е 39%), 34 отсто сметаат дека ќе биде полоша (светскиот просек е 26%), а 40 проценти дека ќе биде иста како годинава (светскиот просек е 28%), покажува традиционалното глобално истражување на Галуп интернешенел „Крај на годината“, кое во РС Македонија го спровела БРИМА во периодот од 1 до 22 декември со анкетирање лице-в-лице на 1203 испитаници.

Во регионот, Косово (68%) и Албанија (57%) се со највисок степен на „позитивни“ одговори на испитаниците, т.е оние кои сметаат дека 2024 ќе биде „подобра“ од 2023. Нешто слично како и во Македонија (20%), и во Србија (19%) и во Бугарија (18%) испитаниците покажуваат висок степен на песимизам за наредната година.

Во врска со економскиот просперитет, на прашањето „Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?“, испитаниците во земјава и по ова прашање покажуваат видлив песимизам и се под светскиот просек, каде 17% сметаат дека 2024 ќе биде година со економски просперитет (светскиот просек е 28%), 42% сметаат дека 2024 ќе биде година со економски потешкотии (светскиот просек е 39%), a 35% дека ќе биде иста како 2023 година (светскиот просек е 29%).

Во регионот, Албанија (54%) и Косово (46%) остануваат над светскиот просек кога е во прашање економскиот просперитет за 2024-та година, спротивно на тоа, ниски 16% има во Србија и 10% во Бугарија каде испитаниците сметаат дека ќе има економски просперитет во 2024 година.

На ова глобално истражување испитаниците беа прашани и „Дали очекувате следната 2024 година да биде за светот помирна, понемирна или иста?“. Во РС Македонија, на ова прашање 18% сметаат дека следната година ќе биде помирна од 2023 (светскиот просек е 26%), 34% дека ќе биде „понемирна“ (светскиот просек е 39%) а 41% дека ќе биде иста (светскиот просек е 29%). 

Испитаници кои сметаат дека 2024 ќе биде „помирна“ во споредба со 2023, од земјите во регионот во највисок процент се во Албанија (45%) и Косово (33%), наспроти Србија (13%) и Бугарија (9%). Во Албанија 20% сметаат дека ќе биде „понемирна“, 42% во Косово, 46% во Бугарија и 50% во Србија. Околу една третина од испитаниците во Албанија (34%), Бугарија (33%) и Србија (32%) сметаат дека 2024 ќе биде иста со 2023, а 15% во Косово. Грција не е вклучена во ова глобално истражување.

На прашањето „Според вас кој е ризикот од употреба на нуклеарно оружје во денешно време - без ризик, умерен или висок ризик?, Северна Македонија не отстапува многу од светскиот просек, па така, 11% (светскиот просек е 14%) сметаат дека ситуацијата е „без ризик“, 37% (светскиот просек е 37%) дека e со „умерен ризик“, 44% (светскиот просек е 40%) сметаат дека има „висок ризик“ од употреба на нуклеарно оружје, а 7% се без одговор.

Во регионот, во Косово (53%) е најголем процентот на оние кои сметаат дека постои „висок ризик“ за употреба на нуклеарно оружје, 43% во Албанија, 30% во Србија и 26% во Бугарија.

 

Што се однесува до светот, истражувањето на Галуп покажува дека мнозинството граѓани очекуваат проблематична, а не, мирна нова 2024 година. Осум од десет граѓани низ сите континенти стравуваат од потенцијална нуклеарна војна кои ризикот го проценуваат како „умерен“ или „висок“. Мнозинството граѓани, исто така, очекува економски тешкотии во новата 2024, наместо економски просперитет, иако врвот на економскиот песимизам го нема со стивнувањето на КОВИД-19.

Секој четврти испитаник низ светот очекува помирна 2024 година, но два од пет го очекуваат спротивното - попроблематична година. Речиси сите останати го очекуваат истото како во претходната година. Сепак, „грижите“ дефинитивно преовладуваат. Пред неколку години, глобалниот индекс на оптимизам за мир имаше речиси еднаква поделеност на оптимисти и песимисти, но војната во Украина го зголеми „стравот“ ширум светот, наведуваат од Галуп.

Во Украина 26% очекуваат помирна година, 33% - повознемирувачка а 36% - иста како претходната. Останатите се без одговор. Во Русија, 12% сметаат дека 2024 ќе биде помирна, 35% попроблематична и 29% дека ќе биде иста. Западот како целина изгледа загрижен. На спротивниот дел од светот може да се најдат повеќе земји од југот и истокот, како на пример Авганистан и Индонезија каде и до 68% од испитаниците се изјаснуваат како оптимисти и имаат позитивни очекувања за светскиот мир.

За жал, нема пад на „стравовите“ на испитаниците од употреба на нуклеарно оружје веќе една година. Две петини од анкетираните сега сметаат дека постои висок ризик од употреба на нуклеарно оружје. Речиси еднаков дел проценуваат дека ризикот е „умерен“ и само 14% не гледаат никаков ризик за употреба на нуклеарно оружје. Останатите се без одговор.

Како и пред една година, мнозинството во САД го гледа ризикот како „прилично умерен“. Ставовите во Русија се слични на оние од лани - овој пат односот на одговорите помеѓу „умерен ризик“ наспроти „висок ризик“ за употреба на нуклеарно оружје се 40% - 20%.

Земјите како Германија, САД, Русија покажуваат подобрување во очекувањата во споредба со крајот на 2022 година, иако сеуште се „загрижени“. Поважните актери како Иран, на пример, не се песимисти, Индија е јасно позитивна, а земјите од југот се „традиционално“ оптимисти. Европа – во спротивно – останува не толку „позитивна“. Саудиска Арабија покажува високи 84% „позитивни“ очекувања за 2024 година.

Очекувањата од економијата исто така покажуваат „олеснувања“, но прилично слаби. 39% очекуваат година со повеќе економски тешкотии, што е за девет процентни поени пониско од пред една година. ЕУ останува меѓу попесимистичките места кога е во прашање економскиот просперитет.

Во традиционалното глобално истражување на Галуп интернешенел „Крај на годината“, биле интервјуирани близу 41.000 лица во 41 земја. Во секоја земја, национално репрезентативен примерок е со околу 1000 мажи и жени кои се интервјуирани лице в лице, преку телефон или преку Интернет. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу + 3-5% на ниво на доверба од 95%. са/ев/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан