• недела, 24 ноември 2024

Галовеј: Зголемена соработката со Северна Македонија за реализација на целите на способности поставени од НАТО

Галовеј: Зголемена соработката со Северна Македонија за реализација на целите на способности поставени од НАТО

Скопје, 4 април 2022 (МИА) - Од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО пред две години, Обединетото Кралство тесно соработуваше со Армијата на Република Северна Македонија во поддршка на реализацијата на целите на способности поставени од Алијансата, вели британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј по повод 4 Април, Ден на НАТО.

Нашата работа, додава Галовеј, подразбира редовно распоредување на краткорочни тимови за обука за советување во однос на тактиката на пешадијата и развој на лидерството.

-Нашиот советник за трансформација е интегриран во Министерството за одбрана и е ангажиран за советување во однос на процесите и интероперабилноста на НАТО. Во последната година, формиравме ќелија за координација на обуката во Скопје за да ја усогласиме и оптимизираме нашата поддршка на обуката. Обезбедивме донации и најсовремени системи за преноќување и во наредните месеци ќе испорачаме нови електронски мети и привремена зграда за урбана и хибридна обука на полигонот Криволак, вели британската амбасадорка.

Таа додава дека тесно соработуваат со Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија и нашите НАТО сојузници на подготовките за вежбата Брз одговор 22 [Swift Response 22], која вклучува повеќе од 4.000 членови од седум НАТО сојузници, вклучувајќи ги Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Италија, Франција, Црна Гора и Албанија, а е една од најголемите воени вежби што ќе се реализираат оваа пролет на полигонот Криволак. сст/дма/

 

Остани поврзан