• среда, 18 декември 2024

Галаб Донев го прими помошник-државниот секретар на САД за енергетика Џефри Пајет

Галаб Донев го прими помошник-државниот секретар на САД за енергетика Џефри Пајет
Софија, 13 октомври 2022 (МИА) - Вршителот на должноста премиер на Бугарија го прими помошник-државниот секретар за енергетски ресурси на САД Џефри Пајат. Како што јави дописникот на МИА од Софија, енергетската безбедност на Бугарија и регионот на Западен Балкан била централна тема на разговорот. Донев ги истакнал сериозните резултати што Бугарија ги постигнала за диверзификација на изворите и маршрутите за снабдување со гас, давајќи го како пример завршувањето на интерконекторот Грција-Бугарија. Според Донев, како резултат на тоа ќе се намалат цените на природниот гас во Бугарија и во земјите од регионот. Бугарија се стреми да ги искористи сите можности за енергетска диверзификација, рекол бугарскиот премиер и ја нагласил желбата на преодната влада да обезбеди снабдување со гас по ниски цени не само за бугарските граѓани и бизниси, туку и за регионот во зимскиот период. Галаб Донев истакна дека како извозник на електрична енергија, Бугарија исто така игра клучна улога во енергетската безбедност на Балканот. Тој го истакна и конструктивното учество на неговата земја во интерес на енергетското и транспортното поврзување во регионот. Галаб Донев изрази уверување дека стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД ќе продолжи да се развива во сите сфери од заемен интерес.                       Американскиот висок дипломат беше примен и од бугарскиот претседател Румен Радев. Според Радев, подобрувањето на енергетската поврзаност во Југоисточна Европа е од клучно значење за справување со економската и социјалната криза. Според него, потребно е земјите од регионот да ги здружат напорите за побрзо спроведување на заедничките проекти за проширување на инфраструктурата за пренос на нафта, гас и електрична енергија, со цел да не се дозволи дефицит на енергетски ресурси, инфлација и продлабочување на економската криза. Радев и Паје посочиле дека отворањето на меѓусистемската гасна врска Грција-Бугарија обезбедува вистинска диверзификација не само за Бугарија, туку и за регионот на Балканот. Во врска со ова, Радев додаде дека е потребен континуитет на испораките на природен гас, за да се задоволат потребите на сите земји. нк/ссм/

Остани поврзан