• среда, 25 декември 2024

Газа: 12 лица се удавија додека се обидувале да допливаат до хуманитарна помош, шестмина загинати во стампедо

Газа: 12 лица се удавија додека се обидувале да допливаат до хуманитарна помош, шестмина загинати во стампедо

Газа, 26 март 2024 (МИА) - Дванаесет лица се удавија во морето недалеку од брегот на северна Газа, додека се обидуваа да допливаат до хуманитарната помош фрлена од авион, соопшти палестинското Министерство за здравство. Хамас информира и за шестмина загинати во стампедо.

На видео објавено на социјалните мрежи се гледа како хуманитарна помош се фрла од авион над крајбрежниот појас Беит Лахи во северниот дел на Газа и толпи луѓе кои трчаат кон плажата за да добијат храна, пренесува Дејли меил. Се гледаат и луѓе како пливаат во длабоки води и како влечат безживотни тела до песочниот брег.

Исламистичката група Хамас соопшти и дека покрај удавените луѓе, во обид да стигнат до неопходната храна, во стампедо загинале уште шест лица.

Според турската новинска агенција Анадолија, при испуштањето помош дошло до некаков дефект, што се смета дека довело до тоа помошта да заврши во морето, а не на плажата.

Поради тоа Хамас бара да се запре со испорака на ваков начин на помош.

„Повикуваме на итен прекин на операцијата за исфрлање помош од воздух и бараме итно и брзо отворање на копнените премини за да се овозможи хуманитарната помош да стигне до нашиот палестински народ. Исфрлањата помош од авион претставуваат вистинска закана за животите на гладните Палестинци. Сето ова ги доведува животите на луѓето во вистинска опасност“, се посочува во соопштението на Хамас.

Денешната несреќа е само уште една во серијата смртоносни инциденти за време на испораката на хуманитарна помош во пренаселената палестинска енклава каде владее глад, а луѓето преживуваат со плевел и леб направен од добиточна храна. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан