• понеделник, 23 декември 2024

В среда почнува 21. издание на „ОФФест“

В среда почнува 21. издание на „ОФФест“
Скопје, 30 мај 2022 (МИА) - Со осум концертни настапи, но и документарен филм, годинава во Национална опера и балет и Младински културен центар (МКЦ) ќе се одржи 21. издание на фестивалот „ОФФест“. Фестивалот почнува в среда, 1 јуни, и тоа со настап на македонскиот етносостав Перија, а веднаш по него дуетот Добрила и Дориан со домашна концертна премиера на нивниот албум „Апокриф“. Следната вечер, на 2 јуни, како што информира на денешната прес-конференција Оливер Белопета од „ОФФест“, во Националната опера и балет ќе настапи инструменталистот Балаке Сисоко од Мали, во комбинација со рафинираниот посттропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач и композитор Лукас Сантана. Третата вечер, пак, во МКЦ во Кино Фросина ќе се одржи документарниот филм „The Rumba Kings“, посветен на конгоанската румба, а подоцна во МКЦ Дансинг салата ќе настапат „ЛОС ПИРАЊАС“. - Оваа година ќе имаме свеж документарец, кој минатата година во светот ја имаше својата премиера. Јас би препорачал никако да не се пропушти овој документарец, затоа што е еден многу драматичен, а потоа следува група од Колумбија, која не е за пропуштање бидејќи денес веројатно ја има најсилната музичка сцена, додаде Белопета. На 4 јуни во Националната опера и балет ќе настапи италијанската пејачка Марија Мацота, и тоа во дует со еден познат хармоникаш и една од неколкуте најголеми ѕвезди на фестивалот, пејачката Ненси Виеира. Фестивалот в сабота ќе заврши со танц, односно концерт на еден голем, нов музички колектив од Гана, групата „Сантрофи“. Добрила Грашеска од дуото Добрила и Дориан денеска на прес-конференцијата посочи дека е чест и задоволство на овој фестивал да ја претставува македонската музика. - За мене претставува чест да бидеме дел од овој светски фестивал, да ја претставиме македонската музика или барем музика која има македонски корени во себе и да бидеме селектирани од целокупната наша сцена. Голема е одговорноста, но и возбудата што ќе бидеме дел од ова, и јас пред неколку дена кажав дека тоа се чувствува и по треперењето на гласот и телото, затоа што не е лесно да се појавиш вака пред луѓе коишто се музички талентирани и да го отвориш она што во моментов го имаме, рече Грашеска. Таа напомена дека на фестивалот ќе го отсвират „Апокриф“ од почеток до крај, меѓутоа, како што рече, ќе има и изненадување, односно публиката ќе има можност да чуе и нешто ново и поинакво. Леа Милиновиќ од групата Перија рече дека е благодарна што се поканети на фестивалот, и оти тоа што го носат е карактеристично, влече и македонски и балкански корени. - Можам да кажам во име на сите дека сме многу возбудени и благодарни што сме поканети на сцената на овој фестивал. Тоа што го носиме ние е доста карактеристично, влече македонски, ама влече и балкански корен, е еден многу интересен колаж од тоа што сме ние, тоа што сме го доживеале и тоа што сакаме да го претставиме, рече Милиновиќ на прес-конференцијата. Со песните таа напомена дека носат една порака на маргинализираниот глас на луѓето во едно општество. - Претежно работиме на автори поети од 20 век кои твореле гласно за тоа што не сакаме да го чуеме и преку музиката ќе се обидеме да ја раскажеме таа приказна на доста карактеристични акутични и ориентални инструменти. Спремаме и ние нов албум, во подготовка сме сега, го завршуваме и промотивно ќе го изведеме на фестивалот, додаде Милиновиќ. бт/дма/  

Остани поврзан