• четврток, 26 декември 2024

В понеделник нова пресудата за „Титаник 2“

В понеделник нова пресудата за „Титаник 2“

Скопје, 17 јануари 2023 (МИА) - Кривичниот суд - Скопје в понеделник треба да ја објави првостепената пресудата за случајот „Титаник 2“, предмет што се однесува на изборни нерегуларности за кои се обвинети поранешниот директор на УЈБ, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешни членови на Државната изборна комисија.

Ова ќе биде втора првостепена пресуда за „Титаник 2“, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.

Обвинителот во процесот Гаврил Бубевски на денеѓниот судски процес побара Мијалков, Тачи и поранешните членови на ДИК да бидат прогласени за виновни во случајот „Титаник 2“.

Обвинителот како отежнувачки околности за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков ги посочи степенот на кривична одговорност, побудите зошто го сторил кривичното дело, фактот што против него се водат други кривични осуди, како и тоа што има правосилна пресуда, а како олеснителни неговото културно однесување и почитувањето на судот.

За Тачи, Бубевски посочи дека Судот треба да ги цени ако отежнувачка околност директната умисла за поттикнување и околностите во кои е сторено делото, но, од друга страна, треба да се акцентира неговото почитување на Судот и на Обвинителството.

За поранешните членови на ДИК, како олеснителна околност Бубевски посочи дека не се водат други постапки и не се осудувани, а злоупотребата на нивното знаење и незаконитостите што ги правеле пред очите на јавноста, според него, се отежнувачки околности.

Бубевски побара секој од обвинетите да одговара според степенот на кривичното дело.

Адвокатот на Мијалков, Миле Петровски побара неговиот клиент, како и другите обвинети да бидат ослободени од обвинение. Според него, нема никаков доказ дека Мијалков го сторил делото кое му се става на товар, а тврдењето дека тој го користел своето влијание е конструкција, а не факт потврден со докази.
Вториот бранител на Мијалков, Љупчо Шврговски, изјави дека очекувал Бубевски да го повлече обвинението, бидејќи, според него, обвинителот не треба да ја преиспитува работата на судиите.

- Треба да си ја признае грешката и да го повлече обвинението или вие да донесете ослободителна пресуда. Јас мислев дека јавниот обвинител ќе го направи тоа, но сметам дека вие ќе го направите тоа ќе донесете законита одлука, им порача Шврговски на судијата во процесот Огнен Ставрев.

Обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска негираа вина за изборни нерегуларности до 2013 година. Сите во своите завршни зборови посочија дека работеле стручно и непристрасно, а според нив, обвинителот Бубевски не докажал надвор од разумно сомневање дека тие навистина го сториле делото.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев. сп/

Остани поврзан