• среда, 25 декември 2024

Вјоса Османи: Дијалогот со Србија треба да се преиспита по нападот од 24 септември во Бањска

Вјоса Османи: Дијалогот со Србија треба да се преиспита по нападот од 24 септември во Бањска

Приштина, 17 октомври 2023 (МИА) – Косовската претседателка Вјоса Османи, изјави дека Косово јасно докажа дека Србија стои зад нападот на 24 септември во Бањска во северно Косово, кога загинаа еден полицаец и тројца од напаѓачите, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи рече дека страните не можат да се однесуваат како да не се случил 24 септември и дека процесот на дијалог мора да се преиспита.

Во денешното обраќање пред медиумите, косовската претседателка рече дека има „четири главни елементи што ја поврзуваат Србија со овој напад“.

- Првиот е поврзан со финансирањето на тие структури, за кои има документирани докази. Вториот е поврзан со оружјето, третиот со обуката, што дури и српската држава не го негира, а четвртиот елемент е поврзан со вмешаноста и политичките врски на српската држава со терористите кои го предводеа овој напад. Земјите-членки можат да ги имаат процедурите за потврдување на овие информации. Време е за рефлектирање бидејќи пристапот во овие 12 години го охрабри (претседтелот на Србија, Александар) Вучиќ да користи насилство, рече Османи.

Таа смета дека постои можност за воведување мерки од страна на меѓународната заедница против Србија.

- Одреден број земји-членки (на ЕУ) дадоа позитивни сигнали дека размислуваат за такво нешто. Со сите овие аргументи, би било штетно за мирот и дијалогот доколку не се преземат мерки против Србија, изјави Османи. иа/ссм/

Остани поврзан