• среда, 18 декември 2024

Вчерашната изјава на претседателката Сиљановска Давкова во фокусот на грчките медиуми

Вчерашната изјава на претседателката Сиљановска Давкова во фокусот на грчките медиуми

Атина, 14 јуни 2024 (МИА) – Изјавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека таа лично „не мисли дека го крши Уставот и не мисли дека неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми“ денеска е во фокусот на грчките медиуми, како на онлајн изданијата, така и во вестите на дел од телевизиите, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА во текстот под наслов „Г. Сиљановска: Некористење на името Северна Македонија не претставува кршење на Уставот“, детално ја пренесува изјавата на претседателката за време на вчерашната заедничка прес-конференција со нејзините колеги од Црна Гора Јаков Милатовиќ и од Албанија Бајрам Бегај, во која потсети дека нејзините документи, тие што ги потпишува, тие што ги поседува итн. се со уставното име, но и дека како човек имам право, „од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право“.

Паралелно АНА-МПА ја пренесува и изјавата во однос на учеството на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на Самитот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа.

Текстот од грчката новинска агенција го презедоа речиси сите онлајн изданија на медиумите, кои го пренесуваат со различни наслови, меѓу кои и „Северна Македонија: Повторно провоцира Сиљановска – Не е прекршување терминот Македонија“; „Северна Македонија: Сиљановска инсистира – Нема да предизвика проблеми неупотребата на уставното име“; „Сиљановска повторно провоцира: Моето некористење на уставното име на С. Македонија не е кршење на Уставот“.

Денешното издание на весникот „Та неа“ се осврнува на учеството на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на Самитот и во текстот под наслов „Прво ракување во Скопје без провокации“.

- Првото ракување со член на грчката Влада вчера го имаше претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска, која во Скопје се сретна со министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, во рамки на годишниот Самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, пишува весникот.

Посочува дека Герапетритис седел веднаш до претседателката и додава дека самиот Самит, на кој се обратија 13 претставници од земјите од регионот, „заврши без да се регистрира некоја нова провокација во однос на употребата на терминот „Македонија“ од страна на Сиљановска“. ср/лв/

фото:принтскрин

Остани поврзан