• вторник, 12 ноември 2024

Вчерашната експлозија во стан во Атина се должи на импровизиран експлозивен механизам

Вчерашната експлозија во стан во Атина се должи на импровизиран експлозивен механизам

Атина, 1 ноември 2024 (МИА) – Од досегашната истрага на просторот, се проценува дека експлозијата била предизвикана од активирање на импровизиран експлозивен механизам, соопштија од грчката полиција за вчерашната експлозија во стан во Атина во која еден маж го загуби животот, а жена е тешко повредена, јави дописничката на МИА од Атина.

Од полицијата денеска соопштија дека идентитетот на мажот е непознат, а во станот биле пронајдени и одземени два пиштола, куршуми и мобилни телефони.

Експлозијата предизвика голема материјална штета на станот на третиот кат во станбена зграда во Атина, како и на соседните станови.

Прелиминарна истрага, според полицијата, врши Управата за справување со специјални насилни кривични дела, а истрагата продолжува.

Процените во Грција се дека експлозијата се случила или додека лицата подготвувале бомба или експлозивниот механизам бил донесен во станот, а голема е веројатноста загинатиот и повредената да се дел од анархистичко-терористички грчки здруженија.

Според информациите во грчките медиуми, тешко повредената жена ѝ е позната на полицијата. ср/

Остани поврзан