• среда, 18 декември 2024

Вучиќ: Србија недвосмислено негира вмешаност во нападот на каналот Ибар-Лепенец

Вучиќ: Србија недвосмислено негира вмешаност во нападот на каналот Ибар-Лепенец

Белград, 30 ноември 2024 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија недвосмислено негира каква било вмешаност во нападот на каналот Ибар-Лепенец и повика на темелна, непристрасна и транспарентна истрага за овој чин на саботажа, јави дописникот на МИА од Белград.

„Неоснованите обвинувања против Србија, изнесени набрзина и без никакви докази, се длабоко неодговорни и загрижувачки. Ваквите неосновани тврдења имаат за цел да го нарушат угледот на Србија, како и да ги поткопаат напорите за промовирање мир и стабилност во регионот“, наведе Вучиќ на Инстаграм профилот buducnostsrbijeav на англиски јазик.

Како што додаде, кога толку брзо и без основа се изнесуваат обвинувања, се поставуваат легитимни прашања за мотивите на овие изјави.

„Дали оние кои набрзина покажуваат со прст без докази се обидуваат да го одвлечат вниманието од сопственото сознание или потенцијалната вмешаност во инцидентот?“, праша Вучиќ.

Србија решително повикува на темелна, непристрасна и транспарентна истрага за овој чин на саботажа, изјави Вучиќ и ги повика меѓународните партнери да помогнат во откривањето на вистината и да се погрижат одговорните да одговараат.

„Покрај поддршката на истражните напори, Србија е подготвена да обезбеди техничка, финансиска и логистичка помош за ублажување на последиците од овој напад. Нашата понуда вклучува експертиза за санација на каналот, финансиска поддршка за реставрација и дополнително снабдување со електрична енергија на погодените области за да се осигураме дека животите на граѓаните не се загрозени“, напиша српскиот претседател. об/

Остани поврзан