• четврток, 26 декември 2024

Вучиќ со рускиот амбасадор, Украина со честитка до Србија за годишнина од дипломатските односи

Вучиќ со рускиот амбасадор, Украина со честитка до Србија за годишнина од дипломатските односи
Белград, 17 април 2022 (МИА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска разговараше со амбасадорот на Руската Федерација во Белград, Александар Боцан-Харченко, за натамошниот развој на српско-руските односи, а Украина и ја честиташе на Србија 28-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Белград. Како што соопшти Кабинетот на српскиот претседател, Вучиќ го информирал рускиот амбасадор за актуелната состојба на Западен Балкан и ја истакнал непоколебливата определба на државниот врв на Србија да ги зачува мирот и стабилноста во регионот, како и дека Србија на нејзиниот европски пат ќе продолжи да ги „чува традиционалните пријателства и партнерства со Русија и Кина“. На средбата се разговараше за натамошниот развој на српско-руските билатерални односи, вклучително и во областа на енергетиката, со очекување наскоро да започнат разговори за количините, цените и другите услови за снабдување со гас. - За време на средбата, амбасадорот Боцан-Харченко зборуваше за тоа како Русија гледа на конфликтот во Украина. Претседателот Вучиќ изрази надеж за скорашен крај на тој конфликт и желба да завладее траен мир, се заклучува во соопштението. Истовремено, Украина во објава на Твитер на украинската амбасада во Србија и ја честита на Србија 28-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. - Им ја честитаме на нашите колеги и пријатели во Србија 28-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Украина и Србија. Заедно одиме на патот на европските интеграции заради заедничките вредности, кои денес херојски ги брани народот на Украина, се наведува во соопштението. об/паг/

Остани поврзан