• среда, 25 декември 2024

Вучиќ: Сит сум од игрите на ЕУ, затоа „Отворен Балкан“ е значаен и ги поддржавме нашите пријатели

Вучиќ: Сит сум од игрите на ЕУ, затоа „Отворен Балкан“ е значаен и ги поддржавме нашите пријатели
Белград, 25 јуни 2022 (МИА) - Не беше фер Србија во Брисел да очекува дека ќе добие отворање на нов кластер, кога Северна Македонија 17 години има статус на кандидат за членство со ЕУ, а Албанија осум години, а и двете не добија датум за почеток на преговори, па затоа наше беше да покажеме солидарност и со братскиот македонски народ и пријателскиот албански народ, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за тоа какова порака праќа Брисел со доделувањето кандидатски статус на Украина и Молдавија, а Западниот Балкан не бил суштинска тема. Како што јави дописникот на МИА од Белград, во врска со иницијативата „Отворен Балкан“ и односот на ЕУ, Вучиќ истакна дека е „сит од игрите на ЕУ“. - Сит сум од тие игри на ЕУ и игрите на луѓето од регионот секогаш гледајќи како да се оцрниме едни со други, за да овие можат да се играат со нас како марионети. Затоа „Отворен Балкан“ е многу важен и затоа така страсно, иако имав благ и балансиран речник, ги подржав нашите браќа и пријатели, кои имаа големи очекувања, а не беа исполнети. Говорам пред се за Македонците, кои чекаа одобрување од бугарскиот Парламент, но не и одобрување кое ќе значи дека мораат повторно да го менуваат Уставот или не знам што се, што е секако на нив да се договорат, изјави Вучиќ. Како што нагласи тој, на Самитот во Брисел, Западниот Балкан не бил суштинска тема, туку главна тема била Украина. Околу обидите за менување на преговарачката рамка на ЕУ за Србија околу признавањето на Косово, Вучиќ оцени дека земјата има веќе утврдена преговарачка рамка која не може да се менува. Вучиќ изрази надеж дека во декември Србија ќе може да отвори нов кластер и во рамките на тоа ја спомна иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за Европска политичка заедница, што, според него, би значело можност за поголемо присуство на разговорите, во кои би можеле да го чујат Белград, а со отворањето на кластерите земјата ќе може да смета на поголеми износи на пари преку европските фондови и во изградбата на политики во поедини области. Вучиќ рече дека позицијата на Србија е многу тешка околу воведувањето санкции кон Москва, бидејќи ЕУ веќе ја избрала страната во руско-украинскиот воен конфликт и повеќето земји се во војна со Русија и праќаат огромни количества оружје за Украина. об/сп/

Остани поврзан