• среда, 25 декември 2024

Вучиќ прогласи вонредна состојба во Србија како мерка во борбата против коронавирусот

Вучиќ прогласи вонредна состојба во Србија како мерка во борбата против коронавирусот
Белград, 15 март 2020 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва на вонредна прес конференција ја објави одлуката дека на „цела територија на Република Србија се прогласува вонредна состојба“, како мерка во борбата против коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград. - Во Србија денеска имаме вкупно 48 заразени лица. Немаме смртни случаи, но нема сомнеж дека во наредните денови ќе се соочиме и со тоа, изјави Вучиќ. За ова да успее, „во битката за постарите лица“, додаде Вучиќ, ќе бидат преземени најтешки мерки. - Лицата постари од 65 години мора да останат во своите домови, порача Вучиќ, најавувајќи дека во наредните три дена полицијата ќе проверува колку мерката се почитува. - Доколку мораме во рок од 72 часа - ако прекршувањето е повеќе од 0,1 или 0,2 отсто - ќе се донесе обврзувачка одлука сите (стари) лица да останат во своите домови и нивните дворови доколку се во рурални области, најави Вучиќ, кој додаде дека сите оние кои не ја почитуваат наредбата за изолација, ќе се соочат со казна до три години затвор. Како што кажа српскиот претседател, Владата вечерва ќе одржи седница на која ќе бидат прецизирани мерките согласно воведената вонредна состојба. Како една од мерките, Вуќиќ, покрај присуството на војската пред „здравстените установи и други позначајни објекти“, најави и дека од утре прекинува наставата во сите образовни институции и градинките, како и дека се откажуваат сите спортски натпревари на отворен и затворен простор. Тој упати апел до граѓаните без потреба да не купуваат прехранбени и санитарни производи, бидејќи Србија ги има сите потребни намирници. Вучиќ кажа дека денеска испратил писмо до претседателот на Кина, кого го нарече „брат и пријател на Србија, гарантирајќи му челично пријателство“ во кое побарал „сè од Кина“. - Дури побаравме и доктори, нагласи Вучиќ, додавајќи дека Србија купила пет милиони маски од Кина, за да може да ги премости 10-те дена, кои ќе дојдат за еден ден, и дека Србија ќе испрати авион за тоа. - Србија ќе ги воведе сите ограничувања, не можеме да им забраниме на српските граѓани, сите што ќе влезат од која било земја на светот ќе бидат ставени во карантираат 14 дена, а оние кои доаѓаат од жариштата ќе бидат ставени во карантин 28 дена, без оглед дали имаат симптоми или не. Ова го правиме за да ја спасиме нашата земја, изјави Вучиќ. Тој им порача на странците да не доаѓаат во Србија „освен Кинезите кои се повикани за помош“. об/

Остани поврзан