• сабота, 23 ноември 2024

Вучиќ: Приштина не сака да ја исполни обврската за ЗСО – стигнавме до ѕид, се надевам дека разговорите ќе продолжат

Вучиќ: Приштина не сака да ја исполни обврската за ЗСО – стигнавме до ѕид, се надевам дека разговорите ќе продолжат

Белград, 2 мај 2023 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата во Брисел изјави дека е јасно дека Приштина не сака да ја исполни обврската за ЗСО. Стигнавме до ѕидот, посочи Вучиќ. Курти го отфрли и предлогот на ЕУ за надминување на кризата по изборите на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите. Вучиќ изрази надеж дека разговорите ќе продолжат и дека во иднина ќе се постигнат некои договори. Во Брисел беше усвоена Декларацијата за исчезнати лица, заедно со изјавата на претседателот Вучиќ, која ја штити државата Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Имавме тешки состаноци и би рекол дека сум многу загрижен, бидејќи за клучното прашање за формирање на ЗСО, јасно е дека Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред десет години, изјави Вучиќ на новинарите по новата рунда дијалог под покровителство на ЕУ во Брисел.

„Денеска првпат стигнавме до ѕидот и тоа беше јасно од моментот кога беше претставен нацртот на Управувачкиот тим“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека претставниците на Косово повториле дека ваквата ЗСО не е во согласност со уставот на Косово и дека не сакаат Република Српска во Косово.

-Сите членови од Статутот јасно се однесуваат на претходно договорени членови од 2013 и 2015 година. Нема ниту една точка во која се разговара за нешто што не е веќе договорено и не е веќе потпишано, подвлече Вучиќ.

Тој рече и дека вечерва разговарале за актуелната ситуација по, како што рече, „срамните и нелегитимни“ избори на северот на Косово и дека ЕУ излегла со свој предлог кој тој го прифатил, но Приштина го одбила.

-До 28 мај треба тие што добија 3,4 отсто од гласовите и 0,02 отсто од српското население … Некој треба да упадне во канцелариите и да го заземе тој простор. Знаете ли каков е тој ризик? И луѓето во ЕУ знаат, рече Вучиќ, но не сакаше да даде детали за европскиот предлог.

-Се надевам дека разговорите ќе продолжат и дека и покрај тоа што дојдовме до ѕид, ќе можеме да најдеме решенија во иднина. И едните и другите мораме да правиме компромиси и отстапки. Во 2015 година јас и Мустафа ги потпишавме принципите, сега се одрекуваат од нив, велат не може никој. Или ќе се прифати договореното во 2013 и 2015 година, или ќе биде крај на се. Некој мора тоа да го разбере, рече тој.

Вучиќ го поздрави усвојувањето на Декларацијата за исчезнати лица и вети дека Србија ќе ја пребарува секоја локација на која косовските Албанци изразуваат сомневање дека таму се останките на нивните најблиски, но подвлече дека Белград го очекува истото од Приштина.

Претседателот на Србија предупреди дека кога нема договор се радуваат и екстремните Албанци и екстремните Срби.

Вучиќ на албанските новинари од Косово им порача и дека Србија направила бројни грешки во минатото, но дека се плаши дека Приштина не само што не научила ништо од тие грешки, туку ги прави на уште погруб начин. об/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан