• среда, 25 декември 2024

Вучиќ: Подготвени сме да го прифатиме концептот на предложениот договор за косовското прашање

Вучиќ: Подготвени сме да го прифатиме концептот на предложениот договор за косовското прашање

Белград, 20 јануари 2023 (МИА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска по средбата со претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија во Белград, изјави дека Србија е подготвена да го прифати концептот и да работи на имплементација на предложениот договор за косовското прашање.

Вучиќ изјави дека на средбата „за едно важно прашање“ од договорот ја покажал сета загриженост и резервираност, но посочи дека не може да зборува за тоа бидејќи договорот се уште не е јавен.

Тој изјави дека денеска како претседател на Србија „недвосмислено бил соочен со проблемите и предизвиците кои би биле поставени пред Србија доколку не се согласи со предложениот план за косовското прашање“.

„Под овие и такви услови побаравме од претставниците на САД, Франција, Германија, Италија и ЕУ да ни помогнат на сите да ги надминеме турбуленциите со кои се соочуваме на Косово и Метохија, бидејќи сметаме дека е крајно време да се формира Заедница на српски општини, која не само што беше ветена, туку и потпишана пред 10 години“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека се работи за итност и дека дури потоа е можно да се разговара и да се вратат Србите во институциите, како и „некаква нормализација на ситуацијата“, но и дека во наредните денови ќе имаат консултации со членовите на Владата, Парламентот и други важни општествени групи.

Вучиќ рече дека разговорите биле многу тешки, дека „немало ниту слатки, ниту убави разговори“, но дека „дал се од себе за да ја заштити Србија“, што, додаде, „ќе продолжи да го прави барем уште некое време“.

Српскиот претседател истакна дека сите на средбата се согласиле дека „замрзнат конфликт“ не е решение. паг/

Остани поврзан