• среда, 25 декември 2024

Вучиќ од Лозница ја прозва СПС за протестите против литиумот - Дачиќ: Не правиме ништо против претседателот

Вучиќ од Лозница ја прозва СПС за протестите против литиумот - Дачиќ: Не правиме ништо против претседателот

Белград, 4 август 2024 (МИА) - Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, изјави дека партијата не учествува, ниту ќе учествува додека е тој на чело на партијата, во какви било активности или операции против претседателот на Србија, Александар Вучиќ и актуелната власт, затоа што со тоа би работеле против себе и заедничките цели. Вучиќ претходно изјави дека на некои од протестите за литиум учествувале и претставници на СПС, јави дописникот на МИА од Белград.

-Напротив, нашиот сојуз е најсилниот бедем за одбрана на Србија и нејзините национални и државни интереси. И затоа нашиот заеднички коалициски настап на локалните избори беше од витално значење, нагласи Дачиќ, а соопштија од СПС, пренесува Нова.рс.

Тој наведе дека ниту еден поединец нема право да постапува поинаку во име на СПС и додаде дека секое поинакво однесување ќе биде санкционирано.

-Во конкретниот случај во Мали Зворник, нашиот општински одбор не учествувал во никакви активности, туку се работи за човек кој не е член на СПС или на раководството, а бил на нашата листа на локалните избори како група на граѓани, и истиот ќе биде исклучен од нашите одборнички групи. Така ќе биде секаде и секогаш кога некој ќе постапи спротивно на моите ставови и политиката на СПС, рече Дачиќ.

Тој реагираше на изјавата на претседателот Александар Вучиќ кој изјави дека на некои протести против ископувањето литиум биле присутни и претставници на СПС.

Вчера медиумите објавија дека „во Мали Зворник во тек е акција под кодното име „Падот на ѕидот“ чија цел е соборување на претседателот на Србија Александар Вучиќ и дека „во тоа учествува врвот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), и сите странски структури со единствена цел - да го соборат Вучиќ“, а дека тоа се одвива во близина на градинката „Црвенкапа“. об/

Остани поврзан