• среда, 25 декември 2024

Вучиќ: Направивме добар исчекор, договоривме неколку точки, една од нив формирање на заедници на српски општини

Вучиќ: Направивме добар исчекор, договоривме неколку точки, една од нив формирање на заедници на српски општини

Охрид, 18 март 2023 (МИА) - Направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме. Секако не беше ден Д, но мислам дека беше во ред, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по 13-часовната средба во Охрид. 

Вучиќ посочи дека се договорени неколку точки кои ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни - и за Белград и за Приштина и дека една од клучните која е важна за српската страна, како што рече, е тоа што веднаш треба да бидат формирани заедници на српските општини на Косово. 

- Во имплементациониот план за нас е значајно што како приоритетна обврска е ставено формирањето на заедници на српските општини и морам да кажам дека сум задоволен со тоа. Знам дека и вечерва албанската страна ќе зборува затоа што ништо не сум потпишал и ништо не потпишав денеска. Мислам дека двајцата ставивме до знаење кои се нивните и кои се нашите црвени линии, но мислам дека направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме, рече Вучиќ.

Имплементациониот план, како што рече, сигурно ќе биде проширен, иако, додаде, лично не би му пречело да остане ваков. Треба да се направи и декларација за исчезнати лица и донаторска конференција за пет месеци. 

Сметам дека ако е можно кога разговарате за тешки и непопуларни работи, да кажете дека имате зрно задоволство, можам да кажам дека имам зрно задоволство, изјави српскиот претседател.

Најави дека уште утре на граѓаните на Србија ќе им ја претстави секоја од точките во имплементациониот план, а од понеделник дека ќе има консултации со сите пратенички групи во Собранието. сс/бак/

 

 

Остани поврзан