• среда, 25 декември 2024

Вучевиќ: Политичка одговорност мора да има, одлуката треба да се донесе со ладна глава

Вучевиќ: Политичка одговорност мора да има, одлуката треба да се донесе со ладна глава

Белград, 3 ноември 2024 (МИА) - Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека обвинителството и полицијата работат на утврдување кривична одговорност за несреќата во Нови Сад, дека нема бегање од одлуката за политичка одговорност и таа објективно ќе се согледа и ќе се утврди во наредните денови, јави дописникот на МИА од Белград.

Премиерот Вучевиќ додаде дека политичка одговорност мора да постои и дека треба да се направи на мирен и одговорен начин.

- Зборував со претседателот на Србија и таа одлука ќе ја донесеме со ладна глава, рационално, а не со твитови и објави на социјалните мрежи, изјави Вучевиќ за новинарите во Шангај, каде што учествува на кинескиот саем за увоз.

Тој посочи дека нема бегање од таа одлука и дека ќе биде резултат на одговорна политичка дискусија и објективна проценка на состојбите и дека тука не се работи за кривична, туку за политичка одговорност поврзана со менаџментот на државата, градот, ресорот или некоја фирма, и дека кривичното дело ќе го утврдуваат полицијата и обвинителството, односно судот.

- Ќе видиме каква ќе биде конечната одлука. Не се бега од тоа, не се краде време. Мислам дека најважно е да се разбере болката на семејствата на оние кои настрадаа, да се дозволи она што е дел од обичајот, дел од културата, а тоа е семејствата да можат на мир да ги погребаат и да ги испратат своите настрадани и сите да го почитуваат тоа, рече Вучевиќ.

Тој кажа и дека истрагата е во рацете на јавното обвинителство и полицијата, додавајќи дека бил информиран дека се сослушуваат и земаат изјави од сите кои се во синџирот на одлучување и носење одлуки за реконструкција или работи на железничката станица во Нови Сад.

- Многу работи се непознати во моментов и вистината мора да се каже. Никој не ги има сите податоци бидејќи навистина е многу сложено прашање дали е направено или не, ако е така кога е направено и што е направено, зборуваме за целата железничка станица, потоа како се случи несреќата, што се случи, како е можно конструкцијата да попушти, како е можно наеднаш да попушти..., рече српскиот премиер.

Тој забележа дека има спротивставени мислења од луѓето од струката и дека градежните стручњаци можат да помогнат и да кажат што се случило. об/паг/

Фото: МВР Србија



Остани поврзан