• среда, 25 декември 2024

Вучевиќ: Останувањето во дијалогот е прашање на одговорност

Вучевиќ: Останувањето во дијалогот е прашање на одговорност

Белград, 10 септември 2024 (МИА)- Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека денешната средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и другите регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, е вовед во следната рунда разговори, односно дијалогот во Брисел, но дека останува да се види дали тоа ќе резултира со нешто или не, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој гостувајќи на ТВ Прва рече дека останувањето во дијалогот не е прашање на смисла, туку на одговорност.

-Ние не смееме да испаднеме виновни, и оние кои доведоа до пропаѓање на дијалогот и до крај на разговорите и потоа да се тргне со друг начин на решавање, на што многумина би се радувале, особено оние кои немаат добри намери за нас и нашиот народ, рече Вучевиќ.

Според неговите зборови, „на премиерот на приштинските институции Албин Курти сега после се што се случува на Косово му треба некаква наша реакција, криза, конфликт за да ја вовлече Србија во сидир.

-На Курти му треба некаква реакција од нас што би довело до конфронтација затоа што тогаш тој испаѓа како жртва, затоа што го добива наративот што му е потребен за изборите на Косово и Метохија и пред меѓународната заедница, изјави срспкиот премиер.

Тој нагласи и дека народот на Косово е секојдневно малтретиран, за да се вовлече во конфликти.

Премиерот Милош Вучевиќ утрово изјави и дека според новите информации, во северниот дел на Косовска Митровица се уапсени тројца млади момчиња од српска националност, како и четвртиот кој сето тоа го снимил на својот телефон.

-Според информациите што ги имам, утринава разговарав со Петар Петковиќ, тројца Срби, млади момчиња од српска националност, беа претепани на север, извлечени од зграда и претепани, а четвртиот е уапсен кој сето ова го снимил на својот телефон, кој ја снимил таа репресија и нападот врз српските момчиња, изјави Вучевиќ за ТВ Прва. об/

Остани поврзан