• четврток, 26 декември 2024

Вуков ќе тестира на „Силверстоун“

Вуков ќе тестира на „Силверстоун“

Скопје, 23 април 2023 (МИА) – Македонскиот автомобилист Ристо Вуков годинава ќе настапува во Порше Суперкуп, натпреварување кое веќе три децении се вози пред трките на Формула 1. Неговиот нов тим „Омбра Рејсинг“ досега му овозможи тестирање на Валелунга и Имола, а поради снег се откажа тестирањето во Австрија на Ред Бул Ринг. Нов „чек-поинт“ за Рико и неговите инженери ќе биде тестирањето на легендарната патека Ф1 патека - Силверстоун, лоцирана стотина километри северо-источно од Лондон.

 

- Заминувам за Силверстоун со желба да направам што е можно повеќе километри во автомобилот, со што ова ќе биде мојата најголема подготовка во еден зимски период. Досега најмногу работев на физичката страна, но нема ништо подобро од минување на повеќе километри со возилото, осознавање на тајните на една патека и разговорот со инженерите кои работат на штелувањето. Чувството дека сме успеале да ги унапредиме перформансите и да постигнеме време во еден круг што е за две три десетинки побрзо, ни дава крилја за потоа да се обидеме да направиме уште еден чекор.

 

Тестирањето во Силверстоун ќе се случи во вторник и ќе биде во приватна режија на тимот, додека претходниот настан во Имола беше официјален тест за сите учесници во Суперкуп.

 

- Моето време во Имола лани ќе ми донесеше пол-позиција во Карера Куп Италија, но оваа година видов дека има возачи и тимови кои можат уште повеќе. Конкуренцијата е феноменална, освен 27 возачи кои се ангажирани од екипите учеснички, целогодишен ангажман од страна на фабриката ќе добие и поранешниот Ф1 пилот Тимо Глок. Преведено во пракса, две три десетинки можат да значат пет места на стартот, така што фактот дека сум во иста секунда со најдобрите веќе не ме радува како порано. За жал во Силверстоун ќе имаме само еден ден, а не два како во Имола, но ќе се обидеме да поработиме и на квалификациски сет ап, како и на симулација за трка.

 

Најдобрите возачи од Порше Карера Куп Италија ќе бидат дел од новата сезона на Порше Суперкуп, а тоа се ланскит победник Џанмарко Кварезмини, Џорџо Амати и претходниот италијански шампион Симоне Јакинта, додека Киган Мастерс сега ќе му биде тимски колега на Вуков, заедно со Рикардо Пера. Покрај Тимо Глок, во ростерот на возачи ќе биде и мотоциклистичкиот ас, трикратниот светски првак Хорхе Лоренцо.

 

Календарот за 2023 година предвидува осум трки, од кои првата е на автодромот во Имола на 21 мај. зс/

Остани поврзан