• четврток, 26 декември 2024

Вуков ги заврши настапите во Порше Карера куп Италија

Вуков ги заврши настапите во Порше Карера куп Италија
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Ристо Вуков го имаше последниот Гран при викенд во Порше Карера Куп Италија за оваа година, а високите очекувања кои ги имаше пред трката ги оправда со освојување на најдобрата стартна позиција за ова сезона, пласман на 9. место со шест десетинки задоцнување од пол позицијата. За жал, малерите и овој пат го спречија да ги израдува навивачите со висок пласман, при што во двете трки беше видно хендикепиран. - Во првата трка автомобилот уште на стартот остана без серво и бев секунда до две побавен од ривалите. Жал ми е што не успеав да ја конвертирам деветтата стартна позиција во висок пласман, бидејќи сметав дека можам да дојдам до првата шесторка и да добијам шанса во ротацијата за втората трка. Наместо тоа се измачив да не изгубам премногу позиции, па финиширав на 13. место, а согласно правилата – од истото место појдов во втората трка. Избегнав огромен судир на самиот старт, по кој што Алберто Черки заврши со комплетно уништено возило, Кога се искачив на 8. место повторно налетав на судир на двајца возачи пред мене (кој што се гледа на самата слика). Лоренцо се изврте пред мене и успеав да го избегнам, но загубив дури 6 позиции. На крајот се пласирав на 11. позиција во трката, што ми донесе нови поени, но не можам да бидам задоволен бидејќи не го искористив целиот потенцијал што го имав на располагање. Бев сигурен дека ќе се пласирам во „топ 5“, имав одлично подготвено возило и нов сет на пневматици, но среќата повторно не беше на моја страна. Вуков е задоволен од аспект на личното подобрување и унапредување како возач, но сепак верува дека кариерата ќе ја продолжи во друга серија со ГТ автомобили, иако за тоа допрва треба да преговара со други тимови. - Првите анализи се дека гледано низ призмата на бодовите освоив помалку поени од што се надевав, но имајќи предвид дека два пати бев удрен, а две трки не возев поради оштетено возило, тоа е реалноста. На почетокот од сезоната добив совет од тимскиот шеф, Џанлука дe Лоренци дека најмногу морам да се подобрам во квалификациите, и тоа го направив, па тоа се почувствува во борбата за високи позиции. Сѐ на сѐ, и оваа трка беше во духот на целата сезона во која неколку пати доаѓав во позиција да се борам за високи пласмани, но бев спречен од инциденти пред мене или инциденти во кои јас бев (на два пати) удрен од ривалите. Сакав да се простам од овој турбулентен шампионат на подобар начин, бидејќи тука научив повеќе од што очекував, и за техниката, и за начинот на кој се вози едно вакво супер спортско возило, а дополнително стекнав и пријатели кои ми значат многу. Очекувам ова огромно искуство дека ќе ми користи многу за во иднина. Следните планови ќе бидат наскоро објавени, истакна Вуков. зс/

Остани поврзан