• четврток, 26 декември 2024

Вуди Ален во Атина ќе го промовира својот нов, 50. филм

Вуди Ален во Атина ќе го промовира својот нов, 50. филм

Атина, 30 август 2023 (МИА) - Американскиот режисер, глумец и комичар Вуди Ален следниот месец во Атина ќе го промовира својот нов, 50. филм „Coup de Chance“. Проекцијата, којашто ќе ја претстави самиот режисер, ќе се одржи на 8 септември во „Сине Аегли“, кино на отворено во рамки на 29. Меѓународен филмски фестивал во грчкиот главен град.

- Ова е мојот 50-ти филм. Беше голема привилегија да се снима во Париз и голема чест да се претстави во Венеција, изјави американскиот режисер.

Иако филмографијата на Вуди Ален (87) е неизбежно поврзана со Њујорк, и француската престолнина отсекогаш била посебно место за режисерот, па последниот филм е целосно снимен на француски јазик.

- Јас навистина не зборувам француски и разбирам уште помалку, но кога го завршив сценариото, помислив дека би било одлично искуство да го направам тоа на француски јазик. Отсекогаш сум бил вљубен во европската и француска кинематографија, а кога им предложив на моите продуценти да снимаме на француски, тие беа воодушевени, додаде Ален.

Филмот „Coup de Chance“ (Удар на среќата) говори за важната улога на случајноста и среќата во животот. Фани (ја глуми Лу де Лаж) и Жан (Мелвил Пупо) изгледаат како идеална брачна двојка, и двајцата се професионалци, живеат во прекрасен стан во ексклузивен кварт во Париз и се чини дека се вљубени исто како кога првпат се запознале. Но, кога Фани случајно ќе налета на Ален (Нилс Шнајдер), поранешен другар од средно училиште, сѐ добива неочекуван тек.  си/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан