• недела, 24 ноември 2024

Втор извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори: Не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик

Втор извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори: Не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик
Скопје, 1 октомври 2021 (МИА) - Од 1 септември до 26 септември не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик, покажа извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори, што го изготви Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво - ТВ 24 Вести, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма. - Во предизборниот период кај МРТ1 не беа евидентирани дебатни соочувања на учесници во изборниот процес, кои Јавниот радиодифузен сервис е должен да ги организира според членот 76-а став 11 од Изборниот законик. Обврската за известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух, ја исполнија единствено МРТ1 и ТВ 24 Вести, наведоа од Агенцијата. Оттаму посочија дека темата за фаталниот пожар на модуларниот Ковид-центар во Тетово ги покрил сите актуелни, внатрешнополитички и општествени теми од трагичниот 8 септември натаму. Сè повеќе информативни редакции, како што истакнаа од Агенцијата, се решија предизборниот период да го пополнат со интервјуа, медиумски скици на кандидатите за градоначалници, со апостроф врз дванаесетте партиски и независни опции за градоначалник на Скопје. - Голем дел од медиумската содржина беше преокупирана со повеќедеценискиот меѓупартиски ривалитет и новинарскиот осврт кон таа неконструктивна политизација на сите општествени сфери, ја релативизира, односно ја прави двосмислена дури и содржината на вестите и на извештаите, наведоа од Агенцијата. Оттаму посочија дека преовладувачки впечаток од мониторингот на медиумскиот пристап кон партиските или кон независните изборни опции, е дека темите кои логично се очекуваат во предизборниот период - урбанистичките и социјалните состојби, зафати и планови, отчетноста на локалните власти и, пред сè гласот на граѓанинот во однос на (не)квалитетот на постојните градски политики - го губат јавниот, медиумски примат, па и тие се проследуваат низ нагласено поларизирана партиска визура.см/ац/

Остани поврзан