• вторник, 12 ноември 2024

Втор извештај на ИКС: Политичките актери ја зголемија употребата на штетни наративи во последните два месеца од 2023

Втор извештај на ИКС: Политичките актери ја зголемија употребата на штетни наративи во последните два месеца од 2023

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Во последните два месеци од 2023 година, политичките актери во државава ја зголемија употребата на штетни наративи во однос на септември и октомври, а тоа се отслика и во медиумите, пред сè кај онлајн-медиумите кои со еднострано и некритичко известување придонесуваат кон загадувањето на медиумскиот простор. Растот на штетните наративи се совпадна со периодот на подготовки за формирање на т.н. техничка влада која треба да ги спроведе изборите закажани за мај 2024 година.

Ова се дел од клучните наоди од вториот извештај за присуството на штетните наративи во јавната политичка комуникација во Северна Македонија, кој денеска го објави Институтот за комуникациски студии (ИКС). Извештајот е во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери и нивното пренесување во медиумите во ноември и декември 2023 година, во кои се идентификувани штетни наративи.

Резултатите од досегашниот четиримесечен мониторинг укажуваат на, како што се наведува, благо зголемување на бројот на утврдени штетни наративи и навестуваат веројатност дека како што се наближува изборниот датум ќе се зголемува „штетната“ реторика и дека таа ќе стануваат сè поприсутна во медиумите.

Резултатите од мониторингот и анализата на партиската јавна комуникација за периодот ноември - декември 2023 година покажуваат дека на партиските веб-страници и на Фејсбук-профилите на политичките актери, најчесто се изнесуваат непроверени наоди, како и непоткрепени обвинувања за корумпираност, нетранспарентност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност како основа за напад на политичките противници.

- Реториката кај поголемите политички партии се базира врз употребата на зборови и формулации со коишто се оцрнува политичкиот противник или одредена група луѓе  со цел да се предизвикаат поделби. Овој поларизирачки наратив и во овие два месеца најчесто извира од доминантните обвинувања за приврзаност кон „проевропски“ и „антиевропски“ блок, стои во извештајот.

Кај медиумите, во најголемиот број случаи, штетните наративи се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите. Во ноември и декември утврден е благ пораст на објави со штетни наративи кај онлајн-медиумите. И во овој извештај доминира практиката некритички и еднострано да се пренесуваат непроверените наводи од политичките актери, најчесто во форма на целосно пренесени партиски соопштенија и говори на политичари. Кај телевизиските станици пак, бројот на прилози со штетен наратив е речиси на исто ниво како и минатиот мониториран период. Најголемите политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, остануваат најчести актери во ударните ТВ-термини.

- Сериозното отстапување од професионалните новинарски стандарди, пристрасното и необјективно известување, не само што негативно влијаат на јавниот дискурс и го загадуваат медиумскиот простор, туку ги нарушуваат и основните принципи на демократија и отворена дебата, соопшти ИКС. 

Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.

Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Вториот извештај може да се прочита на следниот линк: https://respublica.edu.mk/wp-content/uploads/2024/02/shtet-na_vtor-izveshtaj-kratka-verzija.pdf мд/дма/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан