• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Втора Ренална експертска академија во Скопје

Втора Ренална експертска академија во Скопје

Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Втора Ренална експертска академија се реализира денеска во Скопје, во организација на Министерството за здравство и Амбасадата на Шведска. Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека е уверен, дека денешниот стручен настан ќе придонесе за размена на најдобрите практики од нашата држава и Шведска, кои во фокусот го имаат пациентот и подобрување на здравствената заштита во областа на нефрологијата и бубрежната нега.

- Ја користам оваа прилика да ја истакнам одличната работа на колегите од Универзитетската клиника за нефрологија, која неодамна одбележа значен 50 годишен јубилеј од основањето. Клиниката е препознаена како регионален лидер во едукацијата, истражувањето и третман на бубрежните болести, со посебен акцент на трансплантацијата на бубрег. Експертскиот тим, составен од универзитетски професори, специјалисти интернисти и супспецијалисти нефролози, се стреми кон континуиран развој на програмите за хемодијализа, перитонеална дијализа и трансплантација на бубрег, кон подобрување на превенцијата, навремената дијагностика и третманот на бубрежни заболувања, истакна министерот Таравари.

Во однос на регионот, рече тој,  ние бележиме добар напредок во областа на трансплантацијата, преку мултидисциплинарен пристап каде стручните тимови вршат исклучително благородна дејност. Притоа додаде дека во овој сегмент, се работи и на подигнување на свесноста и едукација за значењето на кадаверичната трансплантација, односно трансплантација од починат донор, каде преку еден хуман чин се продолжува животот или се подобрува квалитетот на живот на повеќе пациенти.

-Сакам да посакам успешна работа на сите учесници од земјава и од странство во втората Ренална експертска академија, која ќе придонесе за натамошно продлабочување на соработката меѓу истражувачите и експертите во Македонија и Шведска, додаде Таравари. 

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, рече дека хроничната бубрежна болест е еден од тивките убијци во Европа, со 1 од 10 заболени лица, а Северна Македонија има особено висока стапка на оваа болест. 

- Затоа ни е мило што заедно со Министерството за здравство ја организираме Втората Ренална академија, чија цел е да ги собере експертите за нефрологија на едно место, со цел размена на знаење и експертиза и дискусија за иднината на бубрежната нега, додаде таа. 

Притоа потсети дека еден од заклучоците на Првата Ренална академија беше дека раното откривање спасува животи и дека мора да има одржливост во грижата за лицата кои се соочуваат со бубрежни болести, а експертите ја истакнаа важноста на превентивната нега, како и индикаторите за квалитет и значајните можности што ги нудат јавно-приватните партнерства.

- Ние сме многу задоволни што, како резултат на Реналната академија, Министерството за здравство заедно со приватните дијализни центри, како што се Дијаверум и Нефроплус, организираа национален пилот скрининг на дури 2.000 лица со висок ризик од хронична бубрежна болест, рече амбасадорката. 

Таа додаде дека ова не само што помогнало да се обезбедат квалитетни увиди за креирање политики, туку помогнало и да се спасат животи. 

- Се надевам дека на Шведска се смета за пријател и долгогодишен партнер на Северна Македонија. Втората Ренална академија помеѓу Северна Македонија и Шведска е доказ за нашата долгорочна програма на партнерство на полето на здравството помеѓу Владата, приватниот сектор и академската заедница, во борба против хроничната бубрежна болест и за подобрување на квалитетот на животот на пациентите и нивните семејства. За таа цел, сакам да го истакнам многу позитивното партнерство помеѓу Министерството за здравство на Северна Македонија, Бизнис Шведска во Виена и Амбасадата на Шведска – што го овозможи овој собир и ја реализира денешната Академија. Се надеваме дека денешниот ден ќе биде продолжение на едно заемно збогатувачко патување, подвлече амбасадорката. бд/лв/


Фото: МИА

 

Остани поврзан