Втора Национална конференција за презентација на Индексот на транспарентност на политичките партии
- Денеска, 12 декември 2024 година, беше одржана втората Национална конференција за презентација на Индексот на транспарентност на политички партии, поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Форумот за разумни политики.
Скопје, 12 декември 2024
Денеска, 12 декември 2024 година, беше одржана втората Национална конференција за презентација на Индексот на транспарентност на политички партии, поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Форумот за разумни политики.
В.д. директорот на Фондацијата за демократија на Вестминстер Петар Трајков, во своето воведно обраќање ја нагласи ниската доверба во политичките партии како една од причините за изработка на Индекс на транспарентност на политичките партии. Како едни од најважните чинители во едмп здраво демократско општество, Трајков посочи дека со Индексот на партиите им се дава можност преку меѓусебен натпревар да се самоунапредуваат и заеднички да ги унапредуваат демократските практики во земјава.
Раководителот на политичките комуникации при Британската амбасада г. Доминик Роудс подвлече дека извештајот доаѓа во круцијален момент за државата како навремен потсетник за партиите да водат со пример во поттикнување на внатрешната демократија, зајакнување на маргинализираните групи, обезбедување финансиска транспарентност и отворање на нивните врати за граѓаните. Г. Роудс ги повика сите политички партии сериозно да ги сфатат наодите од истражувањето и да преземат проактивни чекори во имплементација на препораките.
Индексот на транспарентност на политичките партии во Северна Македонија е алатка развиена од Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Форумот за разумни политики, со цел да помогне во процесот на воспоставување подобри и поелаборирани демократски практики на политичките партии, фокусирајќи се на три клучни столба: внатрепартиска демократија, финансиска транспарентност и достапност на информациите.
Директорот на Форумот за разумни политики го презентираше овогодинешното истражување, кое е направено во периодот јуни-ноември 2024 година, и опфати седум политички партии, имено Алтернатива, Беса, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ЛДП, НСДП и СДСМ.
Дополнително, Алијанса на Албанците (крилото на Зијадин Села и крилото на Арбен Таравари), Демократско движење и ЗНАМ беа вклучени во истражувањето, но од објективни причини, не беа дел од традиционалното мерење.
Сумарно, целокупниот просек од резултатите од мерењето на т.н. мерливи политички партии бележи скромен напредок на перформансот на политичките партии во споредба со 2023 година, достигнувајќи до половина од вкупниот број на можни бодови. Слична е и состојбата на ниво на столб, односно политичките партии бележат благ напредок споредено со 2023 и достигнуваат до половина од вкупниот број на бодови, со тоа што најголем напредок се забележува во однос на столбот „достапност до јавноста“. Притоа, анализата потенцира на низа надворешни и внатрешни фактори кои влијаат на перформансот на партиите, вклучително исходот од парламентарните избори, преструктуирања на партиите во зависност од изборниот резултат, поделби и фракционерство на одредени политички партии кои де факто го забавуваат прогресот.
На првиот панел посветен на столбот Внатрепартиска демократија учествуваа високи претставници на Алијанса за Албанците (крилото на Арбен Таравари), Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и професорот Александар Спасеновски како експерт вклучен во подготовката на Извештајот. Како коментатор на излагањата на претставниците на политичките партии, професорот Спасеновски акцентираше дека ова е првиот извештај за Индексот кој што е споделен со јавноста што ја покажува довербата на политичките партии во квалитетот и валидноста на Индексот. Тој сумираше дека иако скромен, сепак има напредок како во перформансот на партиите во однос на внатрепартиска демократија како што се права на партиските членови, начините на именување, автономија на општинските организации, изборите на партиското раковоство, така и во пристапот до политичките партии и нивната реакција кон самиот Индекс.
На вториот панел со фокус на столбот финансиска транспарентност, свои излагања имаа претставници на Беса, Демократско движење, ДУИ и НСДП, по што професорот Енвер Абдулахи даде финален коментар, посочи дека сите политички партии се многу внимателни во објавувањето на партиски акти од финансиска природа, притоа задоволувајчи ги единствено минималните законски обрврски. Дополнително, професорот Абдулахи напомена дека водени од дилемата ефикасност наспроти демократизација, раководствата избегнуваат од отворање на посебни трансакциски сметки за телата на партијата како што се форумите на жени, младинските ограноци, но истакна дека приоретизирање на демократизација пред ефикасноста на долг рок, само по себе ќе донесе поголема ефикасност.
На третиот панел посветен на достапноста до јавноста свои излагања имаа претставниците на ЛДП и Алијанса за албанците (крило на Зијадин Села), а свои заклучни согледувања даде експертот Ибрахим Мехмети. Професорот и модератор Ненад Марковиќ напомена дека е важно политичките партии да го исполнат медиумскиот простор со информации за да се избегне истиот да биде пополнет од некој друг со ретко прецизни информации. Експертот Мехмети го спомна предизвикот на помалите политичките партии со располагање со мали средства што ја ограничува нивната присутност во јавноста, но и преголемата фокусираност на политичките партии на комуникација со сопственото членство за сметка на општата јавност.
Дел од препораките од овогодинешниот извештај упатуваат на унапредување на хоризонталните партиски структури и процедури, подобрување на вертикални комуникациски стратегии и користење на современи дигитални алатки за комуникација, подобрување на идеолошкото профилирање, зголемување на финансиската транспарентност и финансиските практики, како и подобрување на претставеноста на жените и интегрирање на лицата со попреченост.
Сумарната анализа за второто истражување за Индексот на транспарентност на политичките партии во Северна Македонија е достапна на македонски, албански и англиски јазик.
Оваа активност е дел од проектот „Практикувај демократија“, имплементиран од ВФД, финансиран од Британската амбасада.
Фондација за демократија на Вестминстер
Фото: Фондација за демократија на Вестминстер
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.