• среда, 25 декември 2024

Врховниот суд на Хонг Конг го одби барањето за поништување на пресудите на Џими Лаи

Врховниот суд на Хонг Конг го одби барањето за поништување на пресудите на Џими Лаи

 

Хонг Конг, 12 август 2024 (МИА) - Врховниот суд на Хонг Конг едногласно го отфрли барањето за укинување на пресудите на медиумскиот магнат Џими Лаи и шест други продемократски активисти за неовластени јавни демонстрации во 2019 година, објавија британските медиуми.

Лаи (76), основач на продемократскиот весник „Епл Дејли“, и уште шестмина беа прогласени за виновни за организирање и учество во неовластено собрание во август 2019 година за време на повеќемесечните продемократски протести во градот под кинеска власт.

Понискиот суд ја поништи нивната пресуда за организирање неовластени демонстрации, но таа беше потврдена од Врховниот суд. Нивната жалба се фокусираше на тоа дали казната е пропорционална со заштитата на основните човекови права - принцип утврден во две необврзувачки одлуки на Вишиот суд на ОК, познати како „оперативна пропорционалност“.

Главниот судија, Ендрју Чунг и судијата Роберто Рибеиро напишаа во главната пресуда дека двете одлуки на британскиот суд не треба да бидат потврдени во Хонг Конг поради разликите меѓу правните системи за човекови права на Хонг Конг и на Велика Британија.

Пекинг го принуди Хонг Конг да донесе закон за национална безбедност во 2020 година по неколкумесечни продемократски протести во 2019 година, а во март Законодавниот совет на Хонг Конг донесе нов закон за национална безбедност, познат и како член 23.

За учество во неовластен собир во 2019 година, Лаи и тројца поранешни пратеници, на возраст меѓу 67 и 70 години, беа осудени на затвор од осум до 18 месеци. 86-годишниот Мартин Ли, претседател и основач на Демократската партија на Хонг Конг, адвокатката Маргарет Нг (76) и продемократскиот политичар Алберт Хо (72) добија условни казни.

Лаи е во самица повеќе од три години. Тој во моментов се соочува со одвоено судење за националната безбедност и отслужува казна од пет години и девет месеци откако беше осуден за прекршување на договорот за закуп на седиштето на неговиот сега веќе непостоечки весник. мс/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан