• среда, 25 декември 2024

Врховниот суд на САД ја намали надлежноста на Владата во борбата со климатските промени

Врховниот суд на САД ја намали надлежноста на Владата во борбата со климатските промени
Вашингтон, 30 јуни 2022 (МИА) - Врховниот суд на САД денеска ги ограничи надлежностите на Агенцијата за заштита на животната средина да се бори со климатските промени а преку намалување на емисиите штетни гасови од електро-централите. Со шест гласа „за“ и три „против“ - мнозинство судии се конзервативци - судот изрече дека Законот за чист воздух не дава широки овластувања на агенцијата за да ги регулира емисиите на стакленички гасови од електраните, кои придонесуваат во глобалното затоплување. Одлуката на Судот може да ги искомплицира плановите на администрацијата на Бајден за борба против климатските промени, чиј предлог за регулирање на лимитот на емисиите на електраните, посебно оние кои работат на јаглен, се очекува до крајот на годинава. Претседателот Бајден има цел да ги намали за половина емисиите од стакленички гасови во земјата до крајот на деценијата, напојувањето со електрична енергија во САД да биде со нула емисии до 2035 година, а целата економија на САД до 2050 година. Електраните емитуваат приближно 30 отсто од штетните гасови со јаглерод диоксид, поголем емитувач се автомобилите кои во 2020 година емитувале 38 отсто од вкупните штетни издувни гасови во САД. Републиканската партија не го поддржува планот на Бајден за инвестиции во инфраструктурата за премин од јаглеродни (јаглен, нафта и гас) кон обновливи извори на енергија. кб/ссм/

Остани поврзан