Врховниот суд на Мексико одби да ја поништи контроверзната судска реформа
- Врховниот суд на Мексико ја отфрли жалбата за поништување на контроверзната реформа на судскиот систем на земјата, за која се залага таборот на левичарската претседателка Клаудија Шејнбаум, според која сите судии во земјата би биле избрани од населението.
Мексико Сити, 6 ноември 2024 (МИА) - Врховниот суд на Мексико ја отфрли жалбата за поништување на контроверзната реформа на судскиот систем на земјата, за која се залага таборот на левичарската претседателка Клаудија Шејнбаум, според која сите судии во земјата би биле избрани од населението.
„Се отфрлаат сегашните жалби за неуставност“, одлучи вчера судот по повеќе од пет часа јавна расправа.
Реформата, најавена во средината на септември од поранешниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, ја има поддршката од Шајнбаум, кој положи заклетва на 1 октомври. Левицата, која има големо мнозинство во парламентот, ја оправда оваа реформа како средство за борба против наводната „корупција“ и „привилегии“ на неизбраните судии.
Камен-темелник на уставната реформа е изборот од јуни 2025 година на сите судии во земјата со народно гласање.
Врховниот суд ја разгледа нацрт-одлуката подготвена од еден од неговите членови, Хуан Луис Гонзалес Алкантара, врз основа на жалбите поднесени од две опозициски партии. Предлогот беше да се прогласи за уставен изборот на судии на Врховниот суд со општо гласање, но не и изборот на судии од понизок ранг.
Меѓутоа, за да биде прифатена, оваа одлука требаше да биде одобрена од најмалку осум од единаесетте судии на Врховниот суд. Неочекувано, против гласаше и четврти судија, кој остро ја критикуваше реформата, но одби да ја прогласи за спротивна на мексиканскиот устав.
Одлуката ја елиминира можноста за политичка криза меѓу претседателството и Врховниот суд. паг/
Фото: МИА архива