• петок, 18 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Врховниот суд ги разгледа извештаите за работата на пониските судови

Врховниот суд ги разгледа извештаите за работата на пониските судови

Скопје, 1 април 2025 (МИА) - Врховниот суд денеска одржа проширена општа седница на која се разгледаа извештаите за работата на судовите во државава за 2024 година.

Како што информира Врховниот суд, согласно Законот за судовите и Деловникот за работа на Врховниот суд, се разгледуваат извештаите за работата на судовите во земјава од аспект на ажурноста и квалитетот на работата на секој суд, за што се дава оценка и се донесуваат заклучоци.

В.д. претседателот на Врховниот суд д-р Џемали Саити истакнал дека оценките и заклучоците на општата седница на Врховниот суд претставуваат остварување на принципот на самостојност и независност на судската власт, остварување на уставната положба и улога на Врховниот суд, како и обезбедување на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните.

-На проширената општа седница беше констатирано дека податоците во рефератите по извештаите покажуваат дека судиите во Република Северна Македонија вложиле голем труд, поголем дел од пониските судови со постоечките персонални, материјални и финансиски услови за работа, успеале да го совладaат приливот на нови предмети и покажале ажурност во изминатата 2024 година. Дел од судовите, пак, не успеале да го совлaдаат приливот на новопримени предмети, а со тоа го зголемиле и заостатокот. Во оваа насока, на проширената општа седница беше истакнато дека состојбата е алармантна поради намалениот број на судии и дека потребен е избор на нови судии и пополнување на судовите со доволен број на соодветен кадар, стои во соопштението.

Исто така било потенцирано дека од суштинско значење е континуираната едукација и подобрувањето на материјалната и финансиската состојба, како услов за ефикaсност и ажурност на судовите, но и обезбедување на финансиска независност на судската власт. мд/нд/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан