• среда, 25 декември 2024

Врховниот суд ја одби жалбата против мерката „притвор“ за таткото на Вања Ѓорчевска

Врховниот суд ја одби жалбата против мерката „притвор“ за таткото на Вања Ѓорчевска

Скопје, 13 март 2024 (МИА) - Жалбата против мерката „притвор“ на осомничениот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска е одбиена како неоснована, соопшти денеска Врховниот суд на Република Северна Македонија,

- Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната јавна седница на ден 13.03.2024 година, донесе Решение ВКЖ1-11/24, со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ, изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година, стои во соопштението од Врховниот суд.

Одлуката на Врховен следува по денешната јавна седница на која одбраната во своето излагање нагласи дека притворот е превентивен, што, според нив, е недозволиво, додека Обвинителството посочи дека од доказите се извлекува неспорен заклучок дека во оваа фаза постои основано сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар. 

Жалбата во Врховниот суд следуваше по одлуката на Апелациониот суд со која беше одбиена жалбата на Ѓорчевски и му беше продолжена мерката притвор поради основано сомнение за сторено кривично дело „грабнување“ до 3 април 2024 година. 

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд. ар/бак/


Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан