• среда, 25 декември 2024

Врховен го укина притворот на таткото на Вања, определи куќен притвор и мерка на претпазливост

Врховен го укина притворот на таткото на Вања, определи куќен притвор и мерка на претпазливост

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Врховниот суд на Република Северна Македонија ја уважи жалбата на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, ја укина определената мерка притвор и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

- Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост, соопштија денеска од Врховен.

Денешната седница беше втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелациониот суд Скопје. 

Таткото на Вања е осомничен за помагање во грабнување на неговата ќерка, малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. 

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд. ар/aa/

Фото: МИА архива

Остани поврзан