• среда, 20 ноември 2024

Врачена наградата „Прозарт" на Мирча Картареску

Врачена наградата „Прозарт
Скопје, 21 септември 2021 (МИА) - На третиот ден на Интернационалниот фестивал „ПРОЗА Балкан" вечерва во Скопје му беше врачена наградата „Прозарт" на годинешниот лауреат - романскиот писател Мирча Картареску. Романскиот писател е награден за особен авторски придонес кон балканската литература. Лауреаторот Картареску изрази благодарност за наградата. Тој посочи дека да се биде добитник на една ваква награда претставува голема радост. Наградата, како што рече, секогаш го мотивира да продолжи со пишување. На фестивалот присуствуваа и Миљенко Јерговиќ, Јоана Николае, Оливера Ќорвезироска, Анте Томиќ и Калин Терзиски и Гојко Божовиќ кои читаа извадоци од своето творештво. Писателот Гојко Божовиќ изјави дека го следи развојот на овој фестивал како необично значаен, како за македонската култура и книжевност, така и за пошироката култура на Балканот. -Драго ми е што овој фестивал всушност е место каде што комуницираат писатели од други држави, различни култури и генерации од поширокиот Балкански регион и токму тоа ни помага да создадеме една слика за еден книжевен регион кој има што да каже и во тоа постојано се уверуваме на вакви книжевни фестивали, рече Божовиќ. Една од темите на овој фестивал е „Книжевноста во доба на пост вистината", а според Божовиќ, ние живееме во еден таков период на конфузија, на спинови и разни облици на манипулации кои оставаат сериозни последици за општеството. Утре вечер фестивалот организира дополнителна програма во книжарницата „Буква“ во Скопје. Александар Прокопиев ќе зборува за творештвото на Гојко Божовиќ, а двајцата заедно, пак, ќе зборуваат за делото на Даниело Киш. Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ го поддржаа „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“. бт/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан