• четврток, 26 декември 2024

Во 2022 година интернет најмногу цензуриран во Русија, Индија и Кина

Во 2022 година интернет најмногу цензуриран во Русија, Индија и Кина

Хаг, 14 февруари 2023 (МИА) – На повеќе од четири милијарди луѓе ширум светот минатата година им бил суспендиран пристапот до интернет и социјалните мрежи, а околу половина од случаите се во Азија, се наведува во годишниот извештај на холандската компанија „Сурфшарк“.

Во извештајот се сумираат клучните случувања во глобалната цензура на интернетот, вклучително правната контрола, потиснување или манипулација со она што може и што не може да се гледа, преземе или објави на интернет.

Во 2022 година, најмногу цензура била воведена во Русија, во Индија, во Иран и во спорната територија на индиско-пакистанската граница Џаму и Кашмир. Џаму и Кашмир е регионот со најмногу регистрирани прекини на интернет, со големи ограничувања на интернет од 2019 година, целосно поврзани со „политичките превирања“.

Во извештајот се наведува дека во Индија, ТикТок е забранет од јуни 2020 година, а на почетокот на инвазијата на Украина, Русија ги блокираше клучните социјални платформи. За да се контролираат локалните протести против војната, беше ограничен пристапот до Твитер, а малку подоцна и пристапот  до Фејсбук и до Инстаграм. Москва го блокираше и пристапот до големите меѓународни информативни сајтови.

Смртта на Махса Амини по нејзиното апсење од страна на иранската полиција за морал во септември, предизвика масовни протести во провинцијата Курдистан и ширум Иран. Поради тоа интернет услугите беа речиси целосно прекинати, мобилните оператори исто така беа масовно погодени. Пристапот до Инстаграм и ВатсАп беше ограничен низ целата земја.

ВатсАп е забранет во Оман, а Твитер, Фејсбук и ЈуТјуб од 2009 година се забранети во Кина.

Во извештајот се посочува дека во 2022 година се регистрирани вкупно 78 случаи на ограничувања на интернет. Исклучувањето на интернетот траеше во просек по 33 часа, а просечното времетраење на цензурата на социјалните мрежи беше 114 дена.

Националните протести и политичките превирања се главниот катализатор за цензурата на интернет.

Според извештајот, најомразената социјална мрежа меѓу авторитарните влади е Фејсбук.

Прекините на интернет во 2022 година најдолго траеле во Буркина Фасо, во Русија и во Азербејџан. ми/

Остани поврзан