• четврток, 26 декември 2024

Во 2020 година рекорден број Американци починаа од предозирање

Во 2020 година рекорден број Американци починаа од предозирање
Вашингтон, 15 јули 2021 (МИА) - Повеќе од 93.000 Американци починаа од предозирање со лекови и дрога минатата година, а според експертите тоа се должи на изолација поради пандемијата со Ковид-19. Според официјалните податоци, бројот на смртни случаи од прекумерна употреба на дрога е поголем отколку во 2019 година, кога на тој начин починаа 72.000 луѓе. - Ова е ужасна загуба на човечки животи, истакна Брендон Маршал од Универзитетот Браун, додавајќи дека епидемијата на предозирање во САД веќе постоела, но дека сега пандемијата само ја засили кризата. Зависниците немаа пристап до здравствени и социјални услуги за време на пандемијата. Според експертите претходно доминантни помеѓи зависниците биле лековите против болки на рецепт, потоа хероинот, а изминатите години најраспространет е фентанил - опасна поевтина варијанта на опијат, посилна од хероинот и крајно смртоносна. Фентанил е лек против силна болка, но сега се продава нелегално и се меша со други лекови. Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) објавија дека 60 проценти од смртните случаи од предозирање користеле фентанил. Освен во Њу Џерси и Јужна Дакота, бројот на смртни случаи е зголемен во речиси сите други американски сојузни држави. Најголем пораст е забележан во Вермонт, Кентаки, Јужна Каролина, Западна Вирџинија и Калифорнија. Експертите истакнуваат дека во моментов повеќе луѓе умираат од предозирање со лекови отколку од Ковид-19. ми/

Остани поврзан