• четврток, 26 декември 2024

Во Јужна Кореја работниците сѐ повеќе се заменуваат со роботи

Во Јужна Кореја работниците сѐ повеќе се заменуваат со роботи
Сеул, 14 јуни 2022 (МИА) - Во Јужна Кореја во јануари беше усвоен Закон за работни односи, со којшто им се дозволува на судовите да ги казнуваат директорите или високите менаџери на компании доколку работниците бидат повредени или убиени на работа. Новиот Закон предвидува и затворски казни, па ги принуди компаниите да вложуваат во роботи и да ги заменуваат луѓето со нив. - Низ нашата историја, секогаш наоѓавме начини да останеме во чекор. Автоматизацијата е следниот потфат во тој процес, изјави Ким Јонг-рае, извршен директор на компанијата „Спифокс“. Според бизнисмените, компаниите се движат кон намалување на луѓето работници и постои неподготвеност да влезат во проекти со висок ризик. Компаниите сега, поради новиот закон, бараат начин да имаат што помалку работници или воопшто да немаат човечки кадар во погоните. - Законот е огромен проблем во бизнисот. За наша среќа, веќе сме во процес на автоматизација, па бевме подготвени на новиот Закон, додаде Ким Хјо-џин, директорка на „Спифокс“ и ќерка на Јонг-рае. Законот првично беше претставен како голем чекор во борбата за правата на работниците, но компаниите, главно фабрики и градежни компании, не се согласуваат, тврдејќи дека префрлањето на одговорноста на водачите е неправедно и нејасно. Се наведува дека јужнокорејските фабрики имаат недоволно висок степен на безбедност, што според многумина, е сосем неразбирливо, бидејќи се работи за технолошки напредна земја.  си/

Остани поврзан