• среда, 25 декември 2024

Во Јапонија минатата година регистрирани рекордни 122.806 случаи на злоставување деца

Во Јапонија минатата година регистрирани рекордни 122.806 случаи на злоставување деца

Токио, 28 март 2024 (МИА) - Јапонската полиција ги предупреди центрите за згрижување деца за рекордни 122.806 наводни жртви на злоставување во 2023 година, што е за 6,1 отсто повеќе од претходната година, соопшти денеска Националната полициска агенција.

Минатата година полицијата спроведе рекордни 2.385 кривични истраги за случаи на злоставување деца, што е за 9,4 отсто повеќе од 2022 година, покажуваат податоците собрани од Агенцијата.

Бројот на деца под 18 години упатени во центрите за згрижување деца поради психичко малтретирање се искачи на рекордни 90.761, вклучувајќи 52.611 кои биле сведоци на семејно насилство врз членови на семејството, објави Кјодо.

Според податоците, имало 21.520 физички малтретирани деца, додека 10.205 деца доживеале запоставување или напуштање, а 320 претрпеле сексуално злоставување.

Меѓу случаите што довеле до кривични истраги, 1.903 деца биле изложени на физичко малтретирање, 372 претрпеле сексуално злоставување, 65 доживеале психичко малтретирање и 45 биле запоставени или напуштени.

Сепак, во 2023 година е забележан рекордно низок број на смртни случаи поради злоставување, 28 случаи, што е значително помалку од најголемиот број од 111 случаи во 2006 година. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан