• четврток, 26 декември 2024

Во јануари струмичани ќе добијат пониски сметки за затоплување со природен гас

Во јануари струмичани ќе добијат пониски сметки за затоплување со природен гас

Струмица, 4 јануари 2024 (МИА) - Во првиот месец од годината струмичани ќе добијат пониски сметки за затоплување со природен гас. Како што соопштија од ЈПЕД „Струмица гас“, сметките за јануари во споредба со декември ќе бидат пониски за 4 денари за потрошен кубен метар.

Цената на природниот гас за овој месец ќе биде 49,3017 денари без ДДВ, односно 58,176 денари со ДДВ за еден кубен метар, додека во декември цената беше 62 денари.

Од „Струмица гас“ додаваат дека од овој месец потрошениот гас ќе се пресметува во киловат часови согласно одлуката на Регулаторната комисија, односно цената ќе изнесува 4,5874 денари/ kWh без вклучен ДДВ, а со ДДВ 5,413 денари/kWh.

Според директорот Благој Милановиќ, пониската јануарска цена се должи на намалените цени на природниот гас на светските берзи.

-Ние сме подготвени да ги испорачаме потребните количини гас за нашите корисници и нема да има никакви проблеми. Цената на гасот засега нема поголеми ценовни осцилации и дури има тренд на намалување, рече Милановиќ

За домаќинствата кои користат гас за затоплување Општината веќе втора година им исплаќа субвенции во износ од 10 денари за секој потрошен кубен метар, со што за јануари домаќинствата ќе го плаќаат потрошеното по 48,176 денари. рт/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан