• петок, 20 март 2026

Во Штип одржана работилница за подигање на свеста и поддршка на лицата со Даунов синдром

Во Штип одржана работилница за подигање на свеста и поддршка на лицата со Даунов синдром

Штип, 19 март 2026 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром - 21 Март, денеска, во Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ - Штип се одржа работилница, со цел подигање на свеста, поттикнување на инклузијата и поддршка на лицата со Даунов синдром. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, додели и ваучер за учениците и наставниците.

- Денес сме во посета на ООУ „Ванчо Прќе“, во која образовна институција практично се врши настава и се дава поддршка на лица со попреченост и во име на тоа сакам да се заблагодарам на наставниот кадар, на директорот, кои навистина се одлично организирани, за да им помогнат во наставата на учениците со одреден вид попреченост. Ја користиме оваа можност за да посакаме поголема инклузивност, вклученост и рамноправност во образовниот процес на сите ученции, вклучувајќи ги и учениците со одреден вид попреченост. Јас се надевам дека во месеците и годините што следуваат ќе го оспособиме образовниот процес во насока на овозможување посоодветни услови за работа со овие ученици, на кои им се потребни посебен вид третман и образовен процес - изјави Јорданов.

 Дефектологот Борче Петровски додаде дека работилницата има цел да ги надмине предрасудите кон овие лица преку адекватна едукација. Посочи дека во моментот немаат ученици со Даунов синдром. 

- Целта на оваа работилница е надминување на предрасудите кон овие лица преку едукација на учениците за да се постигне позитивно гледиште кон овие лица, прифаќање и надминување на предрасудите. Моментно немаме ученици со Даунов синдром и имаме поранешни ученици, кои исто така се поканети на денешната работилница - вели Петровски.

 Инаку, Меѓународниот ден за лицата со Даунов синдорм се одбележува секогаш на 21 март, со цел нивна поддршка во заедницата во која живеат. вдј/дма/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан