• четврток, 26 декември 2024

Во Штип одбележани 75 години од крајот на граѓанската војна во Грција

Во Штип одбележани 75 години од крајот на граѓанската војна во Грција

Штип, 8 септември 2023 (МИА) - Јас сум Ивана Ковачевска Цветковиќ, сега живеам во Лесковац. Родена сум во Албанија, првите чекори во својот живот ги направив во Полска, првите букви научив да ги пишувам во Чехословачка. Вака Ивана Ковачевска-Цветковиќ го започна своето сведоштво како дете-бегалец, иако самата вели дека не ја сака таа терминологија оти таа и нејзината мајка, вели, не се бегалци, туку мајките ги праќале своите деца, како што вели, во социјалистичка држава за да се спасат.

Сведоштвата за страдањата на Македонците во Егејска Македонија по граѓанската војна денеска беа споделени на одбележувањето на 75-годишнината од крајот на граѓанската војна во Грција и Денот на независноста. Ковачевска-Цветовиќ забележува дека на борбата за македонштината ја научила нејзината баба во Чешка, кога ги собирала Македонците и ги учела на корените. Тоа, вели Ковачевска-Цветковиќ, оттогаш нејзе ѝ влегло во глава.

- Дедо ми имаше осум деца. Живеевме во осум држави. И на моето прашањето зошто сите деца не ги собрал заедно, тој ми рече дека треба само да го сочуваме коренот. Ако во некој брод, бидејќи со брод патувавме од Албанија, му се случи нешто, другите ќе преживеат. Макар еден да остане, да го спасиме коренот и тој треба да продолжи подоцна, вели Ковачевска-Цветковиќ.

Оттогаш целта е да се чува традицијата, јазикот, писмото, културата. За таа цел во Лесковац имаат формирано и Здружение, кое постои веќе 20 години и влегува во третата деценија од своето постоење. Таму, вели Ковачевска-Цветковиќ, над 200 дечиња го учат македонскиот јазик.

– Сакам да се пофалам дека во Лесковац оваа учебна година имаме запишано 223 дечиња кои учат македонски јазик со елементи на национална култура. Минатата година имавме 213, значи сега одиме чекор напред, а кога почнавме беа 39 дечиња. Не е лесно да ги собереш децата, да ги убедиш родителите, ама успеавме во тоа, додава Ковачевска-Цветковиќ.

Таа присуствуваше на шестата средба на децата-бегалци, која се одржа во Штип во организација на Здружението „Мирка Гинова“.

Трајче Димков, вели дека децата-бегалци, чии инспиративни сведоштва можеа да се слушнат, се верен доказ и причина за обединување и зачувување на националниот и личен идентитет.

- Биле некаде, меѓутоа, гледате, се вратиле назад и се вградиле во државноста. Исто таков е еден од основоположниците на македонското борење. Тој избегал како дете-бегалец, отишол во Полска, бил сликар, се вратил тука, бил учител, меѓутоа и тој е човекот којшто, всушност, го почнал борењето во Македонија. Во секој случај, овие настани се прекрасни и верувам дека така ќе продолжат и во иднина, вели Димков.

Настанот е во рамки на одбележувањето 75 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, кога во 1948 година ги напуштиле родните огништа, а е во организација на здружението „Мирка Гинова“ – Штип. вдј/ир

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан