• четврток, 26 декември 2024

Во Штип намален бројот на такси компании

Во Штип намален бројот на такси компании

Штип, 16 јули 2023 (МИА) - Намален е бројот на такси компании во Штип и Кочани. Глигор Арсов, претседател на Здружението на такси превозници - Штип вели дека причините се дека  енергетската криза, но и високите цени на деловите за нивните возила, како и недостатокот на возачи. Според неговите анализи, бројот на такси компании е намален за 50 отсто, а во моментов во Штип егизистрираат само три такси компании, кои располгаат со сто возила.

- Цените се качуват континуирано, секој ден или секој месец. Зборуваме за репроматеријали, резервни делови. Игра улога и човечкиот фактор. Механичарите се веќе дефицитарни, а со самото тоа и цените за поправка се покачуваат. Реалноста е таа. Последните неколку години на ниво на држава се преполовени такси превозниците. Речиси 50 отсто градови како Штип работат со три компании, Куманово со четири или Кочани со две компании. Многу е тешка состојбата, вели Арсов.

Тој посочува дека ако порано имале по двајца или тројца возачи на едно возило, сега е тешко да се најде и само еден возач на едно такси возило. Причина е што на возачите им се нудат високи, европски плати за возење на камиони низ Европа, а дел од нив летово се заминати и на сезонска работа во Хрватска и Грција.

- Имаме големи шпедиторски компании кои секој месец го качуваат нивото на плати и е тешко да ги задржиме луѓето. Проблем немаат само такси компаниите, тоа е проблем и за готвачите, кои за летната сезона заминаа во Хрватска и Грција. Ќе ги чекаме да дојдат во септември, а некој од нив воопшто нема ни да се вратат, рече Арсов.

Штипјани недостатокот на такси возила го чувствуваат особено за време на викендите, ноќните часови и во петок кога е пазарен ден. За такси компаниите дополнителен проблем ќе претставува и можното воведување на градски автобуски превоз, но и најавата за користење на возила со еуро пет стандарди. вдј/мд/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан