• недела, 24 ноември 2024

Во Штип и Карбинци Бадникови поворки 

Во Штип и Карбинци Бадникови поворки 

Штип, 6 јануари 2024 (МИА) - Дечињата од Бадниковите поворки во општините Штип и Карбинци денеска го навестија Христовото раѓање. Во Штип од црквата „Свети Никола“ до Градскиот плоштад „Слобода“ се движеа дечињата носејќи ја пештерката. На плоштадот „Слобода“, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов им се заблагодари што со песна го навестуваат Христoвото раѓање, воедно им подари и пакетчиња.

Милена Ристова-Михајловска координатор на Бадниковите поворки за Брегалничката епархија вели дека  седма година по ред низ штипските улици се пееше песната за „Вечниот Бог“, а жолтите ѕвездички како Витлеемската ѕвезда ќе ги упатат до пештерата на раѓањето на Богомладенецот. Нив ги изработуваа околу 80 присутни на четирите креативни работилници кои се одржаа минатиот месец.

Во Општина Карбинци за првпат се организираа Бадникови поворки, таму градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов им подели пакетчиња на бадникарите. 

Инаку низ штипските маала и населби од раните утрински часови се слушаат коледарските песни кои ги пеат малите коледарчиња. Домаќинките со колачиња и  овошје ги пречекуваат пред своите врати. Вечерва е Бадник, а утре е Божиќ. Во штипско-карбинскиот регион традиција е на Бадник да се меси лебче со паричка, кое заедно со посната храна, меѓу кои и зеленик се принесуваат на Бадниковата вечер, на која се собира семејството. вдј/аа/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан