• недела, 24 ноември 2024

Во Штип има голема побарувачка за станови, се прават и листи на чекање

Во Штип има голема побарувачка за станови, се прават и листи на чекање

Штип, 19 февруари 2024 (МИА) - Во Штип има голема побарувачка за станови. Колку и да се изградат нови станбени згради, сите станови ќе се продадат, изјави денеска за МИА, Соња Катарова од Агенцијата за недвижности „Флорида импекс“ - Штип. Таа посочува дека интересот за купување на станови во Штип не е само од неговите жители, туку имаат и купувачи од цела држава, како и од странство. Според неа, овој интерес е и поради тоа што Штип веќе е оформен Универзитетски центар. Катарова истакна дека цената на новите станови во Штип се движи од 850 до 1.100 , па и 1.200 евра за метар кавдаратен, во зависност од локацијата. Колку станот е со помал толку цената е повисока, оти поголема е и побарувачката велат од агенциите за недвижности.

-Ова се должи на трендот на вложување во недвижности, како и секаде низ светот овие години. А, како второ Штип е веќе Универзитетски град, сега се оформува и овде вложуваат од цела држава и се бара стан повеќе, вели Катарова.

Низ центарот на градот, но и низ населбите се градат над десеттина станбени згради. Во моментов има и листи на чекање на граѓани кои се запишани и чекаат за да купат стан во Штип. Согласно барањата на граѓаните се потполнуваат листите за да можат заинтересираните да вложат во недвижен имот и да купат стан. Интерес и за купување куќи има, но, нивната продажба оди малку побавно.  

-Секоја куќа има своја приказна. Имаме поголем избор за куќи отколку за станови. Затоа можам да кажам дека колку згради и да се изградат секогаш ќе има недостиг на станови, истакна Катарова. вдј/сст/

Фото: МИА

 

Остани поврзан